Хрватскиот музичар Пеки Пеле ќе биде еден од гостите на овогодишното издание на фестивалот „Здраво млади“, најавија од фестивалот кој годинава ќе се одржи на 26 и 27 август во паркот на МКЦ Скопје.
Вниманието на пошироката јавност го добива по првото негово издание Deguté за колективнот „više manje zauvijek” од Загреб, во друштво на Свемирко, Фантом, Џутко… и други артисти што гравитираат кон оваа етикета.
„Иако Пеки Пеле се труди да биде мистериозен и не го открива својот вистински идентитет. Меѓу редови, во неговата биографија се навестува дека се работи за личност со фина смисла за хумор и човек што слуша широк спектар на музика. Сам за себе вели дека во стилот на својата домашна продукција комбинира танцувачки поп со панк-естетика, поради кој не го прифаќаат ниту поперите, ниту панкерите, а ние пак веруваме дека скопската публика широкоградо ќе го прифати овој талентиран млад музичар, кој во својот музички израз длабоко навлегува во synth pop/new wave сензибилитетот на 80-тите години од минатиот век“, пишуваат од Младинскиот културен центар во најавата за гостинот.
Пеки Пеле настапува како дуо во живо и за првпат Скопје, каде што се приклучува на досега најавените „Viagra Boys“, „Noga Erez“, „Blackstate“, „Belgrado“, ИСКРА, „Shortparis“ и „Murman Tsuladze“. Билетите по цена од 800 денари за двата фестивалски денови и се достапни на билетарница МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk.