Македонската писателка Румена Бужаровска периодов работи на сценарио за филм, поддржано од Хрватскиот аудиовизуелен центар (ХАВЦ).
До неа стигнало понуда од хрватскиот режисер Бранко Шмит и продукциската куќа „Телефилм“ да изработи сценарио за филм кој тој би го режирал, а е по расказ од книгата „Не одам никаде“ на Бужаровска.
Станува збор за расказот „Осми март“, кој го следи ликот на средовечна професорка, чиј син се приклучува на студентските протести во Скопје во 2014 година. Токму еден настан за време на протестите ќе го смени текот на нејзиното секојдневие и ќе се појави неочекувано признание.
Бужаровска за Радио МОФ вели дека проектот сè уште е во првична фаза, по што продукцијата ќе продолжи со целиот процес во адаптирање на сценариото и на крај снимањето на самиот филм.
„Јас се надевам дека ќе излезе до крај затоа што знаете, процесот за апликација и за снимање филм трае со години. Мене ми е прекрасно дека ми се јавиле со таков тип на желба за соработка и многу се радувам што ми е дадена можност да влезам во некои други води во однос на пишувањето. Да пробам некој друг медиум“, вели таа.
Писателката раскажува дека тие со Шмит веќе се обиделе и порано да направат соработка за сценарио, исто по нејзини раскази од книгата „Осмица“, но проектот не се остварил.
Овој пат, Шмит ја побарал со идеја да се направи филм според расказот во кој се опишани студентските протести, бидејќи слична ситуација пред неколку години имало и во Хрватска. Сепак, како што истакна Бужаровска, во позадина нејзиниот расказ опфаќа и многу други општествени теми.
„Всушност, поентата на расказот е како странците колонијалистички ги третираат локалците. И тој (нз. режисерот Шмит) смета дека истото се случува и во Хрватска“, забележа писателката.
„Не одам никаде“ (Или-Или, 2018) е четвртата збирка раскази на Бужаровска, а хрватскиот превод на книгата ќе го објави загрепската издавачка куќа ВБЗ во мај.
Емилија Петреска