Согласно искуството од другите земји, ова е медицина што може да биде многу безбедна и ефикасна кога се користи правилно, и тоа за голем спектар болести, за кои конвенционалната медицина се уште треба да понуди ефикасен третман, рече денеска американскиот доктор Итан Русо.
Тој денеска беше дел од дводневниот симпозиум „Легализацијата на канабисот за употреба во медицински цели во Република Македонија”, кој е во организација на Агенцијата за лекови во соработка со Здружението на граѓани „Зелена алтернатива“.
На настанот учествуваа домашни и странски предавачи и екстерти со клиничко искуство во препишувањето, дозирањето и третирањето на пациенти на канабис, а доктор Џек Мекју од Универзитетот Калифорнија во Сан Франциско рече дека заедничко за сите пациенти е што сите имаат болки, што е речиси универзалната причина за започнување со употреба на канабис.
„Најважна работа е менувањето на животите на пациентите преку олеснување на симптомите на болеста“, нагласи Мекју.
Според Владимир Тркуља од Институт за фармакологија од Загреб, Хрватска, ако некој верува дека канабисот лечи, дека може да му помогне за третирање на својата болест, тој нема да го разубедува.
„Кај нас во Хрватска дојдовме до заклучок дека мораме на луѓето со малигни болести, без разлика на нашите лични мислења дали канабисот е лек или уверувањето на пациентите, да им обездедиме пристап до стандардизирани и квалитетни препарати. Со тоа, да овозможиме да се користи за тегоби и повраќање, за ублажување болести…“, рече Тркуња при своето излагање.
На слична линија е и Габриела Новотни од домашната Клиника за неврологија. Таа нагласи дека при контакт со пациентите кои бараат лек за своите неизлечиви болести, докторите не смеат да им го одземат она што како единствено камче им останува во раката – надежта.
„Ние сме на почетокот на еден многу долг, кривулест, непрегледен пат полн со замки. Меѓутоа, сите имаме јасна цел првенствено да не наштетиме, како со препишување на препаратите, така и со нашиот скептицизам и нивно непрепишување и, со тоа, ускратување на она што може да биде тераписки ефект кај нашите пациенти. За тоа, времето ќе покаже“, рече Новотни.
За разлика од другите, доцент докторот Зорица Наумовска од Фармацевтскиот факултет направи историска ретроспектива, потенцирајќи дека уште од 2900 година п.н.е. кинескиот император Фу Хси ги воочил ефектите од канабисот. Неговиот наследник Шен Нунг Саид, кој се смета за татко за кинеска медицина, 200 години подоцна, за прв пат ги евидентира некои од лековитите својства на канабисот.
„Во 1213 п.н.е. египќаните го користеле за лекување на глауком, воспаление и клизми. Потоа, во Индија пијалок од канабис и млеко (Bhang) се користи како аналгетик, додека во новата ера, пак, во римски медицински текст се препорачува канабис за третман на болка во увото и супресија на сексуалната желба. Мора да се потенцира дека во овој период канабисот за прв пат станува дел од ‘De Materia Medica’ – тоа е книга која е основата во наредните 1500 години“, рече Наумовска.
Во 17-иот век, вели таа, популарна англиска книга за ментално здравје препорачува канабис за третман од депресија. Наумовска изнесе и интересен факт – во страниците на дневникот на Џорџ Вашингтон стои дека тој лично одгледувал и применувал канабис.
„Канабисот во 19 век станува конвенционален лек на Запад, 1850 година е додаден во американската фарпакопеја, додека во 1925 започнува периодот на негово ограничување. Потпишаната конвенција на ОН во 1961 година обезбедува основа за идната забрана на канабисот. Сепак, ‘маринолот’ во 1985 е одобрен за третман на симптомите на гадење и повраќање, а клучниот момент е во почетокот на 90-ите години, кога во Сан Франциско е потпишана првата иницијатива за користење на медицинска марихуана. Инстересно е што по 28 години од откривањето на ТХЦ, дури во 1992 е откриен неговиот пандан во човечкот организам – анандамидот, кој произлегува од зборот ‘ананда’ (возвишено задоволство)“, рече Наумовска.
Интересот за канабисот се енормни. Наумовска додаде дека досега се идентификувани најмалку 489 соединенија во 18 различни класи, а од 1965 до 2016 се објавени дури 122.300 различни публикации, односно секоја недела има 50-ина нови публикации поврзани со канабис. Ова, вели таа, само ја докажува глобалната тенденција за интензивно истражување за потенцијалите на ова растените.
Министерот за здравство Никола Тодоров, смета дека значењето на законското регулирање на оваа област е големо, токму поради потребата да им се помогне на луѓето и со цел на пациентите да им се овозможи достапност на овие производи со строго контролиран состав и квалитет.
„Со донесување на овие законски измени се стави легално ставање во промет на безбедни и квалитетни препарати врз база на канабис ио точни и дефинирани мединиски индикации, како и полесна достапност до овие препарати преку легален увоз или легално производство. На овој начин го следиме развојот на ЕУ, каде до октомври 2015 година вкупно 13 земји овозможија употреба да препарати на база на коноп во медицински цели. На пазарот во Македонија, достапни се четири различни формулации на препарати од коноп за четири индикации – малигни заболувања, за заболени од мултиплекс склероза, ХИВ и тешки епилептични синдроми во детската возраст“, рече Тодоров.
Давор Ангеловски од Здружението „Зелена алтернатива“ потенцираше дека канабисот е може многу повеќе да се користи од тоа што законот во моментот го дозволува. Законот претставува добра основа која, вели тој, треба да се доработува и понатаму.
„Се надевам дека по оваа обука ќе можеме да имаме квалитетни и добри производи во аптеките со соодветни концентрации и дози кои пациентите ќе можат да ги користат за лекување, а не само за третирање на несакани ефекти од хемотерапија и болки“, рече Ангеловски, посочувајќи дека нелегалниот пазар може да биде сузбиен само со добри и квалитетни производи, кои ќе бидат по достапни цени во аптеките и дека во иднина ќе бидат достапни повеќе производи.
Бојан Шашевски