Смартфон камерите се подобри од било кога, но понекогаш не постои замена за квалитетот кој го овозможува професионалната камера. Очигледно тоа го знаат и од компанијата Хуавеи, бидејќи интернет корисниците уловија дека неколку кадри од последната реклама за нивниот Нова 3 смартфон се направени со професионална камера, а не со смартфонот како што рекламата сака да прикаже.
Како што може да се види на половина од рекламата, актерскиот пар прави неколку селфи фотографии, очигледно да ја прикажат квалитетот на камерата и вештачката интелигенција во смартфонот на кинескиот технолошки гигант Хуавеи. Но, сега веќе избришана инстаграм фотографија објавена од Сара Елшами, актерката од рекламата, открива дека наместо забавно селфи со Нова 3 смартфонот, кадарот е направен со професионална камера и професионален фотограф. Всушност телефонот го нема никаде на фотографијата од снимањето на рекламата.
Во одбрана на Хуавеи, рекламата во ниту еден момент не тврди дека фотографиите се направени со Нова 3 смартфонот, иако видеото тоа силно го сугерира. Според сајтот АндроидПолис, ова не е прв маркетинг инцидент. Компанијата претходно била уловена како го фотошопирала изгледот на рамките на П8 смартфоните, а било откриено и дека објавиле фотографија на нивната Гугл+ страница од П9 смартфонот која, според деталните податоци за фотографијата биле направени со професионална камера на Канон.