На 7 декември, со почеток од 19 часот во „Skopje Event Center“, Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ) организира забава од хуманитарен карактер, на која собраните средства од карти ќе бидат донирани за реновирање на студентските домови.
Според студентите, ваквата иницијатива доаѓа од желбата што побрзо да бидат обезбедени финансии за подобрување на условите на нивните колеги кои се сместени во домовите.
„Притоа како дел од целокупната иницијатива, УСС ќе спроведе повик до сите општествено одговорни компании кои ќе сакаат да помогнат, притоа на сите понатамошни настани ќе бидат поставени кутии за донации“, додаваат од УСС УКИМ.
Билетот за забавата ќе чини 100 денари, а повеќе детали за хуманитарната забава се очекува да биде соопштена во понеделник. Од УСС УКИМ велат дека ќе има познати имиња и различни жанрови на музика.
Повеќе информации може да најдете на социјалните мрежи на УСС УКИМ.