Тестирањето на Националната платформа за учење на далечина продолжува и денес, а ќе се одвива и во наредните денови.
Само во текот на вчерашниот ден, на Платформата биле најавени над 88 000 активни корисници, информираат од Министерството за образование и наука. Ова, според министерството, придонело за успешно идентификување и дефинирање на предизвиците кои произлегуваат од оптоварување на Платформата во оваа фаза на нејзина имплементација.
„Резултатите од тестирањето на терен се целосно сондирани, и е започната оптимизација на ресурсите во сите три кластери на Сервери (Серверите за базите со податоци (database servers); Серверите за балансирање на оптоварување (load balancer), и Серверите за опслужување на корисниците (web servers))“, соопштија од МОН.
Но, сега тие предупредија дека е возможно корисниците повремено да добиваат порака за грешка при поврзување со базата (error database connection).
Од МОН ги повикаа учениците и наставниците да продолжат со поврзување на Националната платформа за учење на далечина и во наредните денови, и редовно да ги следат новите содржини на www.schools.mk.
Учениците и наставниците вчера го одржуваа првиот пробен час, но уште веднаш се појавија реакции за проблеми при пристапување на самата платформа. До редакцијата на Радио МОФ пристигнуваа повеќе пораки каде ученици споделуваат свои искуства во текот на денот.
„Кога пробав да се вклучам преку Гугл’ успеав, но потоа кога ја инсталирав програмата на телефонот и лаптопот беше тотално нефункционална и не можев да се логирам. Денес кога проверив повторно на ‘Гугл’ пишуваше дека платформата е преоптоварена“, стои во една од последните пораки кои ги добивме.
„Не работи од телефон, a телефон ми е единствен начин како да се приклучам на часовите“, гласи друго искуство кое ни пристигна утрово.