Канада најави дека од крајот на неделава, ќе ја забрани видео апликацијата ТикТок на сите владини уреди кои се во државна сопственост, пренесува „Би-Би-Си“.
Ваквата одлука следи откако во анализа на државните надлежни органи за информатика, се вели дека „апликацијата има неприфатливо ниво на ризик за приватноста и безбедноста“.
Портпарол на ТикТок изјавил дека компанијата е разочарана од одлуката. Канадската одлука е донесена еден ден откако Европската комисија воведе слична забрана.
Премиерот Џастин Трудо изјавил дека имало доволна загриженост околу безбедноста на апликацијата за да се покрене забраната.
„Ова можеби е првиот чекор, а можеби е единствениот чекор кој воопшто ќе го преземеме“, изјавил Трудо.
ТикТок е критикуван поради своите политики за споделување на приватни информации и врската со кинеските власти.
Апликацијата за кратки видеа е во сопственост на кинеската компанија „БајтДенс ЛТД“.
Вработените во американските безбедносни служби минатата година добија забрана да ја користат апликацијата на уредите во државна сопственосѕ, а неделава од Белата куќа изјавија дека вработените имаат рок од 30 дена да ја избришат апликацијата од апаратите.
Бројни американски универзитети забранија користење на апликацијата преку универзитетските интернет мрежи. Погенерални јавни регулации за користење на ТикТок се воведоа во Индија и неколку други азиски земји.
Од „БајтДенс ЛТД“ инсистираат дека кинеските власти немаат пристап до податоците на глобалните корисници и посочуваат дека кинеската верзија од апликацијата е различна од онаа што се користи во светот. Но, минатата година, компанијата призна дека дел од вработените имаат пристап до податоците на корисниците од Европа.
Канадските регулатори на приватни податоци истовремено истражуваат дали ТикТок детално ги информира корисниците за процесите на собирање приватни податоци.
Скоро една четвртина од жителите на Канада ја користат апликацијата, покажа јавна анкета од канадскиот Универзитет Метрополитан.
Европската комисија им забрани на вработените да користат ТикТок од безбедносни причини