По повод 31 март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, од „ТрансФормА“, – граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица организира Марш за видливост.
На 31 март, петок, Маршот ќе тргне од пред Влада, со почеток во 16 часот.
Оваа година преку пораката „И мојот идентитет постои“, „ТрансФормА“ по петти пат го организира Маршот, со што се приклучува кон глобалното одбележување на Денот за видливост, преку кој се цели кон намалување на насилството и дискриминацијата кон транс лицата.
„Тоа е од клучно значење за овие процеси со цел да се обезбеди адекватно правно и социјално интегрирање на овие лица во едно демократско и цивилизирано општество за кое Република Северна Македонија барем декларативно се залага“, нагласуваат од „ТрансФормА“.
Од граѓанската иницијатива истакнуваат дека како и сите претходни години, и оваа година децидно бараат Законото за правно признавање на родот да биде ставен во Собраниска процедура.
„Пратениците ќе ја добијат можноста да гласаат онака како што ветуваа пред да бидат избрани и онака како што Европскиот суд за човекови права и наложи на оваа Влада како обврска. За политичките субјекти можеби ова е интригантна политичка игра и собирање поени, меѓутоа Ве уверуваме дека за трансродовата заедница ова е единствен начин да започне да ги остварува и ужива своите најелементарни човекови права“, велат од „ТрансФормА“.