„Собранието во живо, следете нe` https://www.sobranie.mk/prenos-od-sednica.nspx (преку Интернет Експлорер)“ гласи статусот кој пред нешто повеќе од еден час се појави на Фејсбук страницата на Собранието на Република Северна Македонија.
Доколку сте корисник на некои од најпопуларните интернет пребарувачи, како Гугл Хром, Мозила Фајрфокс или Сафари, па дури и преку новиот пребарувач на Мајкрософт, Еџ, кликање на линкот ќе ве одведе на празна страница, на која е недостапен плејерот за онлајн следење на Собранието.
Во септември 2020 година, кога буквално е реткост да се најде компјутер на кој сè уште има Интернет Експлорер, кој од Мајкрософт најавија дека ќе престане да постои од следната година, овој пребарувач и понатаму е единствен начин за онлајн следење на седниците на македонскиот законодавен дом преку нивната интернет страница.
Истовремено, иако собраниските служби за односи со јавност во последниот период малку ја зголемија активноста на Фејсбук и Твитер, како и на Фликр, каде редовно се објавуваат фотографии од работата, на Јутјуб, на пример, по формирањето на новото Собрание, единствено е објавено едно видео, од свеченостите на конститутивната седница.
Проблемот со интернет страницата Sobranie.mk се провлекува со години наназад. Последниот редизајн страницата претрпе во средината на 2014 година, но проблемот со видео плејерот не е решен до ден денес.
Во стратешкиот план на Собранието за периодот 2020-2022 една од целите е „отворен парламент“. За реализирање на оваа цел меѓу планираните активности се „реформа на собранискиот канал“ и „лесно пребарлива интернет страница и проактивно користење социјални мрежи“.
Вакви заложби постојат и во Националниот акциски план за отворено владино партнерство (2018-2020 година), каде Собранието го посочува проблемот на недоволно споделување на содржини и документи од работата на институцијата во јавноста. Меѓу преземените задачи до крајот на 2021 година е предвидена изработка на нова интернет страница на Собранието, како и зголемување на промоцијата на собраниските настани и активности од 30 до 60% на социјалните мрежи.
За проблемите со онлајн присуството на македонскиот законодавен дом пишувавме пред повеќе од половина година, а она што може да се забележи е дека многу малку работи во меѓувреме се промениле:
Error 404: Младите во виртуелна реалност, Собранието заглавено на Интернет Експлорер
Даниел Евросимоски