И пет години од основањето, нема зграда за Универзитетот „Мајка Тереза“

И пет години години од основањето на Универзитетот „Мајка Тереза“, нема ништо на видик од изградбата на грандиозната зграда за установата, со базен и вкупна површина од над 20 000 квадрати.

Наместо оваа зграда, во меѓувреме беше изготвен проект за реконструкција на објект од Касарната Илинден, со вкупна нето површина од 2614 квадрати, каде се предвидува сместување на техничко-технолошките факултети во склоп на овој универзитет. Во предлог буџетот за „Мајка Тереза“ за 2022 година, пак, се предвидени околу 2 милиони евра за градежни објекти, додека само договорот за основен проект за грандиозниот објект чинеше скоро 1 милион евра.

„Првичните активности на предвиденото место (северниот дел на поранешната касарна) не успеаја да се реализираат поради нерасчистени имотно-правни односи, за кои Владата не ги обезбеди потребните средства. Затоа ни се додели друго земјиште (во јужниот дел на касарната) каде што нема такви побарувања. Процесот на регулација и урбанистичката подготовка како и примопредавањето на просторот и објектите делумно се реализирани. Деновиве се очекува процесот да се реализира целосно согласно Одлуката на Владата од јануари 2018 година“, велат од кабинетот на Азиз Положани, ректор на универзитетот.

Веќе петта година, студентите на „Мајка Тереза“ следат настава во привремените објекти кои ги доби на користење овој универзитет. Петте факултети сега се сместени во времени, прилагодени административни простории во зградата на Сојузот на синдикатите во центарот на Скопје, како и во дел од основното училиште „Битолски конгрес“ во Чаир. Универзитетот користи и две спортски сали со договор за студиската програма за спорт. Тука се образуваат скоро 3.000 студенти, а предавањата се следат главно на албански јазик.

„Досега за потребите на студентите секоја година ги зголемуваме просторните капацитети во двата објекта. А тоа бараше дополнителни средства за закупнина. Донекаде ни „помогна“ фактот што наставата беше комбинирана поради протоколите поврзани со пандемијата. Но, сега кога ги етаблиравме сите четири години и започнавме и со вториот циклус, се разбира дека соодветното просторно решение е неминовно“, велат од Ректоратот.

Сепак, изминатите три години, она што беше предвидено за реализација во годишните планови на Универзитетот не беше реализирано. Така, во последните четири години, според регистарот на јавните набавки, Универзитетот направил само две поголеми набавки конкретно поврзани со градежни работи. Едната е кон крајот на 2108 година, кога е склучен договор за проект за реконструкција и адаптација на објект во Касарната Илинден во Скопје, со вкупна површина од 2614 квадрати. Проектот чинел околу 11 000 евра, а го вклучува и партерно уредување на објектот. Следната година, пак, Универзитетот склучил уште еден договор за градежни работи од околу 25 000 евра, но овие пари се трошеле за реконструкција на привремените простории во кои се уште функционира универзитетот.

Трошка надеж за добивање универзитетски објект даде изгласувањето на буџетот за 2019 година, каде беа впишани 200 милиони денари (нешто над 3 милиони евра) за градежни работи за „Мајка Тереза“. Истата година во Планот за јавни набавки за 2019 година, Универзитетот ги стави долго посакуваните ставки како „Изградба на Универзитетски комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје и партерно уредување“. Сепак, ништо од ова не се реализираше бидејќи ребалансот ги „изеде“ овие пари.

По две години молк, за 2022 година се најавуваат промени. Така, во новиот Предлог буџет за градежни работи се предвидени 120 милиони денари (нешто под 2 милиони евра).

Од Универзитетот „Мајка Тереза“ инсистираат дека предуслов за квалитетно високо образование се соодветните простории за настава, вежби и лаборатории.

„Потребата од соодветни простории во форма на универзитетски кампус беше неопходност што беше прифатена и од Владата, за што беа обезбедени соодветни финансиски средства за подготвителни активности ( проект, уредување на земјиште и сл.). Реализацијата на кампусот ќе значи обезбедување на еднакви услови за студирање и на студентите на нашиот универзитет, рамноправни и во исти услови да се вклучат во академскиот предизвик за квалитетна настава и основна научна дејност“, велат од Ректоратот, со надеж дека со поддршка на Владата, наскоро ќе се вселат во простории со соодветни услови за работа.

Ј.Ј.