Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во оваа фаза не може да биде запишан како сопственик на демолираната сала при кампусот за општествени науки чии темели беа поставени пред десет години, а во неа сѐ уште не е одржан ниту еден час.
Ваков одговор пристигна од УКИМ откако минатата недела Радио МОФ објави текст за лошата состојба на спортската салата. Оттаму го потврдија она што веќе го соопшти Агенцијата за млади и спорт (АМС) која е надлежна за изградба на салата – дека се одржани неколку состаноци.
Притоа како што велат од Универзитетот, е формирана работна група од стручни лица, професори кои во соработка со Агенцијата направиле увид во расположливата проектна документација на салата по фази. Дополнително, велат оттаму, биле организирани и состаноци со Министерството за транспорт и врски за прашања поврзани со одобрението за градење.
„Согласно законските прописи, Универзитетот нема владение на салата, бидејќи во оваа фаза не може да биде запишан како сопственик на салата. Но, информирани се надлежните органи да ги преземат своите надлежности во насока да се продолжи со потребните градежни, архитектонски, правни и сл. активности со цел завршување на салата и предавање во владение на Универзитетот“, се вели во писмениот допис од УКИМ.
Наспроти ова, од АМС претходно месецов кажаа дека за да започнат градежните работи УКИМ мора да го запише објектот во катастар.
„Универзитетот има обврска да го запише објектот во катастарот на недвижностите и по запишување на објектот заедно со изработената проектна документација потребно е да се обезбеди од Министерство за транспорт и врски соодветен акт за продолжување со градежните активности“, соопштија од АМС.
Оттаму додадоа дека не се во можност да кажат кога салата би се ставила во функција, поради, како што рекоа, „низа фактори врз кои немаат влијание“.
Кога минатата година пишувавме на темата, УКИМ и Агенцијата исто така не даваа конкретен одговор кога ќе почне да се користи салата и притоа си ја префрлаа одговорноста. Истовремено од Агенцијата кажаа дека се надеваат оти штетата ќе биде санирана до почетокот на оваа академска година.
Сепак, студентите кои студираат на кампусот на УКИМ и го слушаат задолжителниот предмет Спорт и здравје и натаму часовите ги одржуваат на други факултетите што се наоѓаат на други локации во главниот град.
„Лани го слушав предметот, салата во која вежбавме се наоѓаше на ДИФ. Никогаш немавме одржано час близу филозофски“, изјави студент на Филозофскиот факултет кој сакаше да остане анонимен.
Инаку, за изграба на салата беа издвоени 2,5 милиони евра од државниот буџет. Тендерот му припадна на Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Алконпроект“ од Скопје, а надлежна за процесот беше Агенцијата за млади и спорт. Спортскиот објект беше изграден пред четири години и оттогаш е во ваква состојба.
Ангела Бошкоска
Салата на УКИМ и натаму лом, АМС не знае кога ќе може да ја користат студентите