„Одамна успеав да го искоренам она традиционално македонското прашање: ‘Што ќе кажат комшиите’ , и тоа не беше толку страшно за мене колку што беше прашањето ‘А што ако нешто се случи?’. За жал, тоа прашање ме следи секој „Прајд“, особено знаејќи дека многу често, мојата заедница наидува на омраза и нетолеранција. Се борам и ги тргам таквите мисли секоја година кога ќе видам колку е важен настанот, колку е важен протестот, колку се важни, а и среќни, сите кои се таму“, раскажува за Радио МОФ Наталија Крстевска, која активно волонтира уште од организирањето на првата парада на гордоста во 2019 година.
Иако досега била дел од сите три, таа и оние што ги познава сѐ борат со стежнатите грижи што постојано се граничат со стравот од тоа дали можеби ќе се случи нешто лошо за време на парадата или по завршување. Како што објаснува Крстевска, секоја година добива пораки од пријатели и роднини кои го поддржуваат маршот, но го иземаат правото да излезат поради страв од владеачката стигма.
„Неколку лица веќе ми пристапија годинава во врска со тоа колку сакаат да се дел од Прајдот, колку сакаат да се таму со нас, но заради родителите, околината и општо нивната безбедност не можат да ни се придружат. Фактот што сѐ уште мораме да размислуваме за безбедноста на лицата кои ќе морат да се вратат во своите конзервативни и небезбедни средини, но и покрај сѐ, безбедноста на лицата од заедницата секогаш ќе е на прво место“, вели таа.
Според неа, нашето општество има сериозен проблем со говорот на омраза што сè уште никој не го модерира, а кој се појавува уште пред почетокот на маршот и најмногу го чувствуваат лицата од заедницата што потекнуваат од за нив, небезбедни средини.
„Закани за време на ‘Прајдот’ постојат секогаш, и кога се движи маршутата и пред и после маршот. Понатаму продолжува и во заедниците од кои доаѓаат посетителите – чувството на срам кое е наметнато, чувството дека мора да се крие тоа што некој бил таму, чувството дека не се безбедни овие лица со најблиските дома“, поентира Крстевска.
Крстевска смета дека одговорноста не лежи само кај надлежните, според неа ова е проблем кој може и треба да се адресира уште во основно училиште. Почитта и толеранцијата кон оние кои се различни од нас, на било кој начин, се клучни особини кои мора едно лице да ги има, а може да се изучува преку сеопфатното сексуално образование во училиштата, а дури и независно од тоа, да се изучуваат темите како емпатија и поддршка за маргинализираните заедници и на останатите часови.
Чувството на страв се вбризгува во оние што поради истото не излегуваат за поддршка, но и кај оние кои покрај тоа се присутни низ годините. Последната скопска парада на гордоста иако гласна и обоена во шарена атмосфера на љубов и почит, кај некои предизвика немир што следува од последичните притисоци.
Ако пред да се одржи првиот „Прајд“ марш прашањето што надвиснуваше врз оние спремни да се борат против ставот на конзервативното општество гласеше: „Дали воопшто да се прави парада и на колкава поддршка ќе наиде“, изминатите три го даваат одговорот дека е потребно да се прави и дека ќе биде посетена и поддржана. Сега се провлекува прашањето како да се соочиме со притисоците што се јавуваат како последици што сѐ уште ја демнат заедницата.
Всушност, дали суштината на организирањето протестен марш за унапредување на правата на ЛГБТИ+ лицата лежи во обезбедување на тие права или низ годините се претвора во традиција на парадирање. Кој ја одлучува и гарантира безбедноста на лицата што ќе го посетат маршот по кратката сигурност обезбедена од полицијата за време на неколкучасовниот настан.
Корисникот на Твитер профилот The Lyric Tenor, следниот ден по третата скопска парада на гордоста напиша дека иако беше изведена во најдобри околности што се темелат на слобода во бидувањето личноста што си, но сепак на крај за момент стравот кај сите изби на површина.
На самиот крај, излезе водителката, која рече дека мора да ни прочита безбедносен протокол за напуштање на местото. „Отстранете ги од себе алките со виножитото и сите други ЛГБТ обележја. Движете се по истата маршута по која дојдовте, и не движете се сами, туку во помали групи“.
— The Lyric Tenor 🏳️🌈 (@LirskiTenor) June 25, 2022
Г.Т (21 год.) за Радио МОФ вели дека годинава особено се заострило чувството на страв, бидјеќи токму поради тоа што е трет пат да се организира парадата, сите кои се против истата, според неа би имале доволно време за да организираат напад.
„Ова ми беше втор марш, прв пат бев минатата година. Не сум сигурна зошто, но еден момент дури и помислив да не одам воопшто. Мислите ми отидоа кон тоа дека токму поради тоа што ова е трет марш во Македонија, хомофобите би имале до сега доволно време да смислат некаков план за напад врз сите присутни на маршот“, раскажува Г.Т.
Според неа, главен причинител за тоа е осудата што доаѓа од општеството што, како што нагласува, ги суди и оние кои не се дел од ЛГБТИ+ заедницата, а некои од луѓето се и физички насилни.
„За среќа до сега не сме имале таков инцидент со моите пријатели, освен коментари фрлени ваму-таму, што патем не се доволни да не спречат и наредна година да присуствуваме на маршот. Омразата е веќе дел од нормалата тука, а начинот на којшто ќе се промени нормалата е само преку нејзиното прекршување“, раскажува Г.Т.
Во однос на годинешната парада, таа вели дека повеќето кои планирале да дојдат се откажале поради можните физички насилства.
„Се плашат дека некој ќе ги види и ќе ги издаде на нивните дома, или дека ќе им извадат некој муабет. Знам многу луѓе и би рекла дека сите се или поддржувачи или дел од заедницата, но од сите што ги познавам, се појавија само 20-30% на парадата оваа година. Смешно ми беше што некои што ги познавам излегоа надвор од државата да одат на ЛГБТИ+ марш каде што никој не ги познава“, забележува таа.
Таа го поставува прашањето „Како оди процесот при којшто хомофобичен родител одлучува дека детето што го израснал повеќе не му е дете?“ и патем забележува дека во земјава правењето избор за љубовта на некој начин значи бришење на годините што родителот ги поминува со своето дете.
„Мојата порака е да се појават повеќе родители на ЛГБТИ+ деца, или општо родители, кои ќе ја поддржат заедницата пред сите без страв и без срам. Сакајте ги повеќе, гордејте се со нив и видете си сами колку посилно ќе светат“, вели Г.Т.
Неефикасни механизми на заштита во институциите како главна причина за нарушената безбедност на заедницата
„Неефикасните механизми за заштита, бидејќи не постои ниту еден напад врз лице од заедницата или напад врз организација која работи на ЛГБТИ прашања кој е разрешен, напаѓачите најдени и казнети. Ниту едно лице не претрпело никакви последици за ширење на говор на омраза кон заедницата и ниту едно лице не било осудено за таквиот говор. Се додека имаме нефункционални институции чија работа мораме да ја работиме ние, ќе мораме да бидеме екстра внимателни по одржување на било какви настани кои можат да ја загрозат безбедноста на ЛГБТИ луѓето“, вели Јована Јовановска, правна советничка при ЛГБТИ Центарот за поддршка.
Секоја од трите паради беше цврсто обезбедена од страна на полицијата, а Јовановска вели дека првата била најголемиот предизвик кога станува збор за нејзиното одржување во безбедни услови. Според неа, последната парада е неспоредлива со првата и не е за потценување.
„Иако безбедноста за време на парадата е на највисоко ниво, тоа за жал не можам да го кажам за општата безбедност на ЛГБТИ луѓето. ЛГБТИ луѓето сè уште се мета на говор на омраза, осуда и неприфаќање од општеството, а тоа се рефлектира со се уште голема затвореност на заедницата, страв и живеење во микро средини“, појаснува таа.
Јовановска посочува дека делата од говор на омраза кај нас иако се регулирани со Кривичниот законик, статистички исто како да не постојат, бидејќи државата ниту ги регистрира, ниту ги процесира. Единствената статистика ја водат граѓанските здруженија кои работат на оваа тематика, но таа е неофицијална и нема конкретни бројки.
„Она што можам да го потврдам е дека за разлика од порано, а кога кажувам порано мислам на периодот пред 10 години, денес имаме помал број на регистрирани напади врз ЛГБТИ поединци и здруженија, што не мора да значи дека нападите не се случуваат и останува можноста само помалку да се пријавуваат од порано“, вели таа.
Како што поентира правната советничка, „Прајдот“ е настан за видливост на заедница и истовремено е протест со кој се стремат да покажат дека се тука, гласни и со барање за еднаквост, достоинство и правда.
„Безбедноста секако е дел од сето ова, а имајќи предвид сè што претходно споменав. Јас искрено се надевам дека од година в година ќе бидеме сè побезбедни и дека за неколку години ќе можеме да чекориме без полициска придружба на парадата. Оптимистична сум, но и реална. За ова да стане реалност државата мора сериозно да се зафати со унапредување на човековите права на ЛГБТИ луѓето во земјата кои се граѓани на оваа држава како и сите други и да престане да гледа на правата на заедницата како на нешто ексклузивно и поголемо од основните човекови права кои му следуваат на секој човек без оглед на сексуалната ориентација и родовиот идентитет“, децидна е Јовановска.
Со ова се согласува и Елена Савеска, повеќегодишна активистка за ЛГБТИ+ правата, која вели дека понапредните општества веќе се обидуваат да го намалат присуството на полицијата на парадите, додека кај нас па и на Балканот се повеќе е присутно.
„Присуството на полицијата е контрадикторно, но и дискутабилно прашање. Контрадикторно е бидејќи ако погледнеме во корените на отпорот на ЛГБТИ+ заедница, присутно е исфрлувањето и укинувањето на полицијата или апаратот за употреба на сила односно апаратот за угнетување и насилство од страна на државата и/или привилегираните. Присуството на полицијата на парадата е дискутабилно бидејќи без стравот кој го влева не би можело ни да се одржи парадата, што мислам дека полека треба да се исфрли“, вели Савеска.
Таа смета дека не само што треба да се исфрли и укине апаратот за употреба на сила од сите општествени процеси поради положбата која ја ужива туку и поради тоа што треба да се работи на другите аспекти на безбедноста и заштитата што, како што вели, навистина доведуваат до вистинска и конструктивна безбедност.
Ангела Бошкоска