Игнорирајќи ги жестоките реакции и обвинувањата за капитализирање на екологијата, Европската комисија одлучи да продолжи со своите контроверзни планови да ги означи гасот и нуклеарните активности како одржливи, надевајќи се дека двата сектора ќе можат да и помогнат на Унијата да го исполни својот амбициозен патоказ за климатска неутралност, јавува „Евроњуз“.
Овој потег беше предмет на дискусија со месеци и беше одложуван неколку пати поради длабоко вкоренети несогласувања меѓу земјите од Европската Унија. Брисел објави нацрт-документ на новогодишната ноќ, многу необичен датум што ја одразува природата на предметот.
По повратните информации од владите, европратениците и експертските групи кои имаа „многу различни гледишта“, според официјални претставници на ЕУ, Комисијата го презеде официјалниот чекор за предлагање зелена ознака за гасот и нуклеарната енергија.
Топката сега е кај земјите-членки и европратениците, кои имаат рок од шест месеци да го анализираат предлогот на Комисијата и да поднесат приговори. Но, бидејќи текстот е делегиран акт, праговите за негово блокирање стануваат потешки за постигнување. Во Советот, најмалку 20 земји-членки кои претставуваат најмалку 65% од населението на ЕУ ќе треба да се здружат за да ги попречат плановите.