И студентите на постдипломски студии ќе добијат домашна платежна картичка, одлучи Владата

Студентите од третиот степен во високото образование, односно, студентите што се на постдипломски студии на возраст до 29 години исто така ќе ја добијат домашната платежна картичка која е наменета за купување на македонски производи и услуги, одлучи Владата на вчерашната 65-та владина седница.

Картичката ќе се користи за купување македонски производи и услуги, во ресторани, кафулиња, брза достава, хотели, одморалишта, сместувачки капацитети, туристички агенции, трговија на мало, продавници за храна и пијалаци, зелени пазари, аптеки и фризерски салони и салони за разубавување.

Домашна картичка ќе добијат и млади лица чиј број изнесува 87.014 кои ќе добијат еднократно 3.000 денари. Станува збор за лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години заклучно со 22 мај 2020 година, активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование, посочија претходно од Владата.

„Домашна картичка ќе добијат и 4394 здравствени работници ангажирани во справување со КОВИД-19, кои ќе добијат 40 отсто од последната основна нето-плата. Станува збор за вработени во ЈЗУ, Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, Центри за јавно здравје, Итна помош, инфективните одделенија и  вработени во други одделенија ангажирани за тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од КОВИД-19“, посочија претходно од Владата.

Корисници на оваа картичка се и граѓаните со низок доход, односно 115.927 лица, приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во АВРСМ до 22 мај 2020, кои оствариле нето-доход до 180.000 ден во 2019 и нето-доход до 60.000 денари во период јануари-април 2020 согласно евиденцијата на УЈП. Овие лица еднократно ќе добијат 9.000 денари на платежната картичка.

Корисници на картичката ќе се и вработени со низок доход, односно 117.144 лица и тие ќе добијат 3.000 денари еднократно.

„Ова се лица кои се во работен однос и кои за периодот јануари- април  2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, според евиденцијата на УЈП. Тие ќе добијат и ваучер за домашен туризам од 6.000 денари преку мерката за јакнење на домашниот туризам на Министерство за економија“, посочија претходно од Владата.

Инаку, претходно реакција имаше од Конференцијата на приватни високообразовни установи (КПВУ) од каде побараа домашна платежна картичка да добијат и студентите од приватните универзитети.

Тие посочија дека студентите се ставаат во нерамноправна положба и побараа во најкус можен рок да им се додели финансиска помош на сите студенти, вклучително и на оние од приватните универзитети.

Над 320 илјади граѓани ќе добијат домашна платежна картичка – сајтот за проверка едвај работи

М.К.