Во протечената база на податоци од шпионскиот софтвер „Пегаз“ се наоѓаат и мобилните броеви на францускиот претседател Емануел Макрон како и на уште 13 други лидери на држави, открива Гардијан.
Покрај Макрон, на листата се наоѓаат уште и телефоните на пакистанскиот премиер, Имран Кан, како и претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамапоса. Меѓу податоците се и контактите на високи државници, армиски шефови и политичари од 34 различни држави.
Појавувањето на броевите во протечената листа, во која се вклучени телефони кои биле селектирани и од влади клиенти на НСО Групата која го изработува шпионскиот софтвер, не мора да значи дека тие биле предмет на хакирање. Од НСО од самиот почеток на овој скандал негираат дека протечените податоци се веродостојни. Од израелската компанија изјавиле дека Макрон не бил „мета“ на ниту еден од нивните клиенти, што значи дека компанијата негира дека тој бил цел на прислушување и надзор преку нивниот шпионски софтвер „Пегаз“.
Сепак, како што пишува Гардијан, протечената листа може да се смета како список на лица кои се од интерес на клиентите на НСО. Во неа се вклучени лица кои подоцна биле мета на прислушување според форензичките анализи направени врз нивните телефони.
Медумскиот конзорциум „Проект Пегаз“, кој ги истражува протечените информации досега идентификуваа повеќе политички фигури кои биле потенцијална мета на шпионски напад.
Меѓу нив, покрај Макрон, Кан и Рамапоса се наоѓаат и директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрехесус, претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, поранешниот премиер на Либан, Сад Харири, поранешниот претседател на Мексико, Фелипе Калдерон, премиерот на Мароко, Садедин Утмани, како и кралот Мохамед VI од Мароко.
Додека медиумскиот конзорциум имаше пронајдено траги од шпионскиот софтвер на повеќе новинари и активисти кои се нашле на листата, тие велат дека бидејќи немаат пристап до телефоните на светските лидери не можат да потврдат дали тие всушност биле следени преку шпионскиот софтвер.
Објавите околу користењето на шпионскиот софтвер „Пегаз“ кој израелската НСО Група го продавала на владите предизвикаа жестоки политички критики низ светот откако се појавија докази дека оваа алатка се користела за следење и прислушување политички противници.
Свиркачот Едвард Сноуден стравува дека „Пегаз“ е потенцијално толку моќен што оваа шпионска алатка треба да биде забранета од меѓународна продажба.
„Доколку нашле начин да хакираат еден Ајфон, тогаш нашле начин да ги хакираат сите“, рекол Сноуден додавајќи дека овој софтвер треба да биде третиран на сличен начин како нуклеарните оружја, каде технологијата е под силни забрани.
НСО Групата тврди дека нивниот софтвер за надзор се продава исклучиво на влади кои имаат добар углед во поглед на заштитата на човековите права и дека се користи само за истраги во врска со криминал и тероризам.