Скопје и ова утро се гуши во смог. Слична е состојбата и во Тетово, а загадувањето на воздухот останува високо во Кичево, покажуваат податоците од мерните станици на Министерството за животна средина. За Битола, која исто така се бори со овој проблем, утрово немаше податоци.
Во овие реони Владата ги ослободи од работа бремените жени и лицата над 60 години, како конкретна интервентна мерка против загадувањето, а во рамките на првиот пакет интервентни мерки за надминување на состојбата. Даде и препораки, работниците кои работат на отворено тоа да го прават од 11 до 17 часот, децата и учениците да не се пуштаат надвор, а Црвениот крст и Центрите за социјални работи да ја следат состојбата и да им помагаат на осамените, стари, изнемоштени лица и бездомници.
Во интервентните мерки, Владата ги задолжи „Македонски Шуми“ да обезбедат „посебна машина за садење на веќе порастени дрвја во градските средини“, препорача товарните возила од 7 до 19 часот да не се движат во центарот на загадените градови, побара редовно да се чистат улиците.
Во мерките против загадувањето, беше побарано инспекторите да вршат контрола во погоните со А и Б интегрирани еколошки дозволи и во автосервисите, редовно да ги известуваат граѓаните за воздухот, а општините да направат планови за подобрување на состојбата со загадувањето во нивните реони.
Веќе осми ден состојбата на воздухот во повеќе градови во земјава е алармантна. Од Влада велат дека и во следните неколку дена нема да биде подобро, бидејќи времето одело во прилог на загадувањето.