Од понеделник (26 август) во Гостивар ќе започне хуманитарна акција за донирање на училишен прибор за првачиња од социјално загрозени семејства. Кутии за донации ќе бидат поставени во маркетите „Монтенегро“ и “ЕТЦ“ , како и во книжарниците: „Европа“, „АС“, „Култура-гос“, „АБЦ и „5Плус“.
Акцијата, како што соопшти локалниот медиум „ГостиварПрес“, ја организира Општина Гостивар под мотото „Со срце дарувај, ученик израдувај“. Според најавите, акцијата ќе трае до 5 септември.
Во Гостивар и лани, сиромашни деца добија донаци во училишни материјали, пред почетокот на школската година. Тогаш фондацијата „Иселениците од Швајцарија за Гостивар” донираше ранци и училишен прибор за 100 ученици со социјално загрозен статус. Нивната акција наиде на поддршка, па гостиварска менувачница обезбеди ранци, а Општината училишен прибор за уште 100 други ученици.
Радио МОФ веќе известуваше за неколку акции кои се во тек, во Тетово и на територијата на цела држава, во кои се донира училишен прибор за децата чии родители тешко можат да го обезбедат.