И покрај жалбите на студентите од Американ Колеџ кои бараат бесплатен превоз, Советот на Град Скопје и за следната година изгласа субвенционирање на градскиот превоз само за студенти на државните универзитети.
На последната седницата, Советот ја усвои Одлуката за давање на субвенции на ЈСП „Скопје“ за 2020 година, која се носи секоја година за поддршка на претпријатието во неговото работење. Според оваа одлука, Град Скопје му дава субвенции на ЈСП и за бесплатни карти за пензионери и студенти на додипломски студии на државните универзитети.
Радио МОФ се обрати до Град Скопје, со прашање зошто и студентите од приватните универзитети повторно се изоставени. Оттаму велат дека станува збор за пренесување на дотации од централниот државен буџет, поточно државни субвенции кои се пренесуваат кон Градот и ЈСП и важат само за студентите каде државата е основач, а не за приватни универзитети. Според Град Скопје, конкретно за прашањето зошто со оваа мерка не се опфатени и студентите на приватните универзитети, топката ја префрли во Министерството за образование и наука (МОН) или Владата на РСМ.
Од МОН пак велат дека согласно Законот за високото образование државата ги финансира јавните високо образовни установи, односно одвојува средства од буџетот за нивното функционирање, за плати и надоместоци на вработените, за режиски трошоци, како и средства за делумно финансирање на студиите на студенти кои ќе успеат да се запишат во државната квота. Оттука и во делот на јавниот превоз, согласно законските одредби се одвојувале средства за студентите запишани на државните универзитети.
Деканот на „Американ Колеџ“ Марко Андонов, кој претходно имаше изјавено дека ова е една класична дискриминација, во врска со новата одлука рече дека воопшто не ја чекувале, особено по нивните напори изминатиов периодза како што вели, исправање на неправдата и дискриминирачкиот однос кон студентите од приватните универзитети.
Новата одлука предизвика реакции и кај претседателката на факултетското Собрание на Американ Колеџ, Антонела Јаки, која за за новодонесената одлука вели дека ги оставила студентите без зборови. Тие имале надеж дека овој пат правдата ќе застане на нивна страна, поготово поради тоа што земјата аспирира да стане членка на ЕУ.
„Со вакви дискриминации единствено нешто што се постигнува е зголемен “одлив на мозоци”. На УАКС, студентите се здобиваат со академско знаење на екстремно високо ниво и не би ги кривела нив доколку се одлучат да ја напуштат оваа држава. Студентите од сите приватни универзитети се константно дискриминирани и немаат доволно можности. Насекаде во светот сите студенти се на првото место, бидејќи тие се иднината на државата. Само кај нас може тие да бидат омаловажувани и дискриминирани на ваков начин. Сепак, до крај ќе се бориме за нашите права, со надеж дека ќе ги отвориме очите на сите“, преговори таа.
И студентите од Американ Колеџ бараат бесплатен превоз – се жалат на дискриминација
За тоа дали студентите повторно ќе се обратат до Уставниот суд, деканот Андонов вели дека веројатноста е голема.
Александра Субашиќ