Идеја за иновативна автоперална избрана за најдобар младински бизнис план

Иновативна автоперална која ќе понуди преку мобилна апликација да се направи нарачка за чистење на автомобил, кој вработените ќе го преземат и по чистењето ќе го вратат назад. Ова е идејата за иновативната автоперална на младите Ангел Карали и Бојан Спасеновски, обединети под името „Anboy“, која го освои првото место на натпреварот за најдобар младински бизнис план „YES TEAM FOR THE WIN“ во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Дополнително, на настанот каде беа наградени три од пет бизнис планови, беше истакнато дека иновативната автоперална би им нудела на корисниците тие да можат да го следат овој процес преку камери во живо, но и преку ГПС локација.

„Анбој“ тимот со жирито на натпреварот

„Ние ги таргетираме средовечните луѓе. Голем број од средовечните лица имаат фамилија, се премногу зафатени и немаат слободно време за трошење за да ги чистат своите автомобили“, рекоа од „Анбој“ тимот.

Вториот награден бизнис план беше на Гордана Петковска од тимот „А+“. Нејзината идеја е формирање на компанија која би била наречена „Global’s Entertainment“, чија цел е работа со млади талентирани луѓе кои сакаат да станат познати артисти, изведувачи, а не само, како што рече, пејачи и танцувачи.

„Главната визија на ‘Global’s Entertainment’ е создавање на извонредни и уникатни уметници во нивната област во музичката индустрија, а исто така и зголемување на изложеноста на земјава во глобалната музичка индустрија“, посочи Петковска.

Гордана Петковска со Горјан Јовановски, дел од жири тимот

Сервисите, како што посочи Петковска, меѓудругото би нуделе продукција на песни, курсеви за пишување песни и танц, како и тренинг на нови артисти.

Тимот „Смартис“ зад кој стојат Драгана Коруноска и Бојана Коцоска ја доби третата награда за идејата за поставување на станици за полнење на електрични тротинети. Оттука, како што посочија тие, таквите станици покрај тоа што би биле наменети за полнење на електрични тротинети, на нив би можеле да се полнат и други дополнителни уреди, како телефони, лаптопи, таблети и слично.

„Потоа има дополнителен дел, каде што би имало информативна табла од градот Охрид, бидејќи овие (н.з. станици) ние планираме да ги поставиме во градот Охрид. Тука би имало мапа од градот, потоа некои знаменитости кои што се таму, поважни места“, рекоа тие.

Тимот „Смартис“ со Виктор Стојковски, дел од жири тимот

Тие сметаат дека станиците повеќе би ги користеле туристите во градот, отколку локалните жители. Истовремено, тие посочија дека таквите станици би можеле да бидат поставени во централното градско подрачје, како чаршијата и кејот во градот.

Покрај трите наградени бизнис планови, на настанот беа презентирани и идеја за изградба на „Училница за иднината“ на тимот „Win Win“, каде беа вклучени младите Марио Тасевски, Матеа Учета и Деа Денковска, како и идеја за формирање на претпријатие кое би отворило младински канцеларии за изучување на меки вештини, идеја на Анастасија Младеновска од тимот „Беретка“.

Учесниците на натпреварот со жири комисијата и членови на МОФ

Сите бизнис планови добија критики и сугестии од страна на жирито кое беше составено од Горјан Јовановски креаторот на „Air Care“, Виктор Стојковски, генерален секретар на „Е-трговија“ и Олга Рајчиќ од тимот на апликацијата „Challenger“.

Од Младинскиот образовен форум соопштија дека овој проект има за цел да ја пополни празнината која ја остава формалното образование за практични вештини и применливо знаење, додека се бори против една од клучните причини за иселување на младите, односно, невработеноста.

М.К.