Враќањето во македонското минато честопати е со пречки – „слика има, тон нема“. Доколку се обидеме да се навратиме на стари новинарски текстови и стории преку медиумските агрегатори, ќе наидеме и на обратна ситуација, текст има, но слика или видео нема. Дополнително, дигитализацијата на печатените медиумски содржини во библиотеките е спречена бидејќи авторските права на текстовите од јавен интерес се во приватна сопственост. Истовремено, пречки за процесот се немањето доволно средства и стручен кадар. Во меѓувреме, не постои системско решение за архивирање на содржините кај актуелните македонски онлајн медиуми.
Ивана Хаџиевска, Мања Величковска и Герман Филков се истражувачи. Tие секојдневно се навраќаат во македонското минато. Како свои „временски машини“ ги користат содржините на периодиките во библиотеките, онлајн архивите на медиумите, а неретко и разни Фејсбук групи во кои се споделуваат фотографии, написи и сведоштва од минатото.
Сепак, како најточни „временски машини“ се сметаат периодиките, односно архивите за печатени медиумски содржини при Националната Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје и Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Величковска раскажува дека кога последен пат се обидела да побара повеќе броеви од различни весници од ретката периодика, но и весници кои не припаѓаат во таа секција, добила одговор дека „тешко ќе најде нешто такво“.
Се снаоѓала барајќи ги потребните книги и списанија по други градски и универзитетски библиотеки, пријатели, пријатели на пријатели, професор(к)и, библиотекари итн. Ваквото истражување не смета дека е идеално кога се потребни повеќе текстови или цели творештва од одредени автор(к)и.
Независната истражувачка Ивана Хаџиевска од областа на историските науки, конкретно, 20-от век, вели дека за пребарувањето на стари вести на интернет или користење на збирки со периодични публикации од минатото, имала неколку искуства кои биле пропратени со предизвици, но завршиле успешно.
Таа забележува дека дури и во 21 век, кога и на ниво на Европа се заговара „дигитална транзиција“, библиотеките и архивите сè уште остануваат клучни за работа со „стари вести“, односно периодика и разни периодични публикации.
Според неа, токму овие институции се побогати со материјали, посистематизирани и постабилни во однос на онлајн базите со податоци, особено библиотеките кои имаат посебни одделенија за периодика.
„Често се соочуваат со инфраструктурни проблеми и кадровски недостатоци, но од друга страна, иако онлајн архивите со весници се многу корисни и попристапни за корисниците, се случува ‘да исчезнат’ од интернет просторот, најчесто заради неодржување или слично“, објаснува таа.
Да не се чудиме на извртена историја
На приказните на Величковска и Хаџиевска, се надоврзува и долгогодишниот новинар и истражувач Герман Филков, актуелен претседател на Центар за граѓански комуникации. Проблемот со немањето целосни, дигитални и лесно достапни архиви го карактеризира како „голем и сериозен“.
Пред неколку години бил ментор на новинар што работел на истражувачка приказна за транспортните коридори. Темата содржела податок од 1994 година, па сакал да го потврди, да направи втора проверка.
„Не можејќи по електронски пат, отидов во Националната и универзитетска библиотека во Скопје и ги побарав дневните весници од тој месец. Се шокирав кога видов дека многу од страниците на весниците беа искинати, вклучувајќи ги и оние со бараната информација. Наместо да ја препишат или фотокопираат информацијата што им треба, претходните корисници едноставно ја скинале страницата и со тоа нанеле трајни и ненадоместливи штети“, се сеќава тој.
Затоа, тој вели дека не може ни да се зборува за некакви „архиви“. Неговото искуство јасно ја покажува состојбата на ретките физички архиви во библиотеките. Вели, од тие архиви понатаму зависи и квалитетот и на „дигиталните“ архиви и содржини.
„Знаете дека не се достапни, и стравувам и дека не постојат, архивите на голем дел од некогашните медиуми во кои беше испишана историјата на оваа земја. Тоа е сериозна дупка без факти од околу дваесет години. Да не се чудиме после што и историјата е често извртена. Јас бев новинар една и пол деценија, со преку 250 телевизиски прилози и емисии годишно, и сега немам ниту една секунда од тие мои продукти. Не само што немам јас, тоа е и помалку важно, не постојат и не се достапни за кого било. И тоа е така за сите што работевме во тој медиум. А тој е само еден од сите медиуми без архиви, без историја“, посочува Филков.
Каталогизирање на сегашноста
Со згаснувањето на поголемиот број од македонските печатени медиуми, се изгубија и архивите на весниците. Се чини како сопствениците да решија да го приватизираат македонското минато, односно содржините од јавен интерес. Броевите на згаснатите весници, во физичка форма, граѓаните можат да ги најдат единствено во периодиките на библиотеките.
Тина Малиќ е долгогодишна библиотекарка вработена во одделот за периодика во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Претходно, работела и во редакцијата на весникот „Нова Македонија“ каде имало одделение „Документација“. Вршеле документирање по теркот на „Би-Би-Си“, а доаѓале и светски списанија, како „Ролинг Стоун“.
„Пример, некој доаѓа во ‘Документација’ и ќе ми побара говори од Киро Глигоров, еве на пример, овде е собрано од 1964 до 1991. Секој негов говор беше сечен, се лепеше на хартија, се запишуваше од кој весник е, датумот на говорот и се ставаше во папки. Пример, можеш да ми побараш ‘Скопје’. Сè за Скопје до 1991 година. Јас вадам ваква папка и ти давам сè од тој регистер, сè на едно место“, вели таа, додавајќи дека на тој начин се обработувале весници од цела бивша Југославија.
Малиќ додава дека одделението функционирало фантастично, а освен македонските весници „Вечер“, „Нова Македонија“, „Пулс“, и „Екран“, доаѓале и весниците „Борба“, „Политика“, „Вечерњи лист“, „Вјесник“, „Ослобоѓење“, „Дело“, „Данас“, „Вечерње новости“, и „Танјуг прес“.
„Во зградата ‘Нова Македонија’ беа сите редакции. Беа ‘Бирлик’ ‘Вечер’, ‘Флака’, ‘Остен’, ‘Екран’, ‘Пулс’, ‘Скок’, ‘Балкан форум’, печатницата ‘Дата прес’, ‘Радио Нома’, имавме радио и ТВ ‘Нома’, ‘Детска Радост’, тоа сè беа редакции“, вели таа.
Поранешниот уредник на дневниот весник „Вест“ и актуелен уредник на САКАМДАКАЖАМ, Горан Михајловски, се потсетува дека како млад новинар, често ја посетувал архивата, односно библиотеката на „Нова Македонија“. Во папки биле распоредени исечоци од весници од разни области, заверени и каталогизирани.
„Таму не се издаваше само ‘Нова Македонија’, туку се издаваа и весници на албански и турски, па и ‘Наш Свет’ и други изданија, си имаше луѓе кои си беа вработени и документираа по клучни зборови, настани, слики – една библиотека. Што се случи со тоа, навистина не знам“, вели Михајловски.
Според Малиќ, денес е спасен само мал дел од таа документација.
Таа посочува дека од 2003 година, кога „Нова Македонија“ добила нов приватен сопственик, архивата била продадена за „смешна сума“. Потоа била понудена како подарок на неколку македонски државни институции за култура, но ниедна од нив не го прифатила подарокот, па архивата завршила „на комуна“. Мал дел бил „спасен“ од поранешниот директор Филип Петровски, но Малиќ разочарано забележува дека најголемиот дел, сржта, заминала.
Низ „временските машини“ на „Св. Климент Охридски“ и „Браќа Миладиновци“
Во фондовите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, во рамки на нејзината функција на матична библиотечна установа, под закон е вклучена целокупната издавачка продукција во државата. Тука може да се најдат публикации кои се некогашен дел од издавачката продукција во времето на СФРЈ, но и Збирка на ретки и сериски публикации, која со Одлука на владата на РМ е прогласена за културно наследство од особено значење.
Збирката содржи весници, билтени и списанија, како чекор со развојот на македонската национална мисла и претставуваат медиум каде таа се изразувала. Токму ваквиот фонд претставува изворен материјал за проучување на историјата на македонскиот народ (култура, традиција, книжевност), а се содржи од 240 наслови со периодични публикации. 200 наслови се однесуваат и третираат прашања поврзани со историјата и културата во Македонија, а останатите се значајни заради датумот на објава и потекнуваат од места од нашето опкружување.
Од НУБ како позначајни наслови ги издвојуваат весникот „Револуциа“ (1895) издаден од В. Главинов, „Лоза“ (1892-1894), „Македонски голос“ (1913-1914), „Македонски вести“ (1935-1936), „Македонска земја“ (1936) итн. Најстарите весници, велат дека датираат од 1790 година, па до 1945 година. Насловите се обработени во библиотечно информацискиот систем COBISS, а дел од нив се дигитализирани и достапни на веб страната на Дигиталната библиотека на Р. Северна Македонија.
Одделот „Периодика“, архивата за печатени медиуми во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје е отворен за читатели. Порано, тие можеле секојдневно да ги читаат новите изданија на весниците „Време“, „Шпиц“, „Нова Македонија“ и „Вечер“, „Дневник“, „Утрински“, „Вест“, „Македонија денес“, и „Спорт“.
Радио МОФ имаше можност да ја прелиста физичката верзија на првиот број на весникот „Нова Македонија“ во рамки на периодиката на библиотеката „Браќа Миладиновци“. Се вративме во минатото, поточно 29 октомври, 1944 година, време кога државава е под бугарска окупација, па цената на гласилото е 5 лева. Забележуваме, на насловната страна има огромна слика од Тито.
„Луѓето се бореле, меѓутоа никој не знаел кој е врховниот командант. Слушале за него, меѓутоа го немале видено. И од тие причини на насловната страница е Тито, да го видат кој е“, објаснува Малиќ.
Листајќи низ времето забележуваме дека темите во весникот претежно се за ослободување. Кои училишта се ослободени, кои територии, се гледаат и поздравни телеграми, како и веста дека на АСНОМ е донесена одлуката за формирање на изданијата „Млад борец“, „Титов пионер“ и весникот „Македонка“.
Tокму овој прв број, отпечатен во голем тираж, бил и буквар. Ја читаме и песната „Азбукарска балада“ од Славко Јаневски, посветена на весникот.
„Oва е нешто што првпат се случува на македонски јазик. Децата немале учебници на македонски јазик, буквари, па учеле и читале од весник. Колку што имало фамилии, толку гледале да има отпечатено весници, но недостасувала хартија, па печателе колку има хартија. Еве и за првиот новинарски учебник, сликано е во Горно Врановци“, ни раскажа Малиќ.
Денес, дневните весници се бројат на рака – „Слободен печат“, „Нова Македонија“ и „Вечер“, вели таа. Децата кои доаѓаат во посета на библиотеката, не знаат да набројат дневни весници, и згаснати и активни.
„Временските машини“ многу често водат и до црни дупки
Меѓутоа, токму ваквите содржини, кои може да се сметаат за непроценливо богатство и историја на една држава, често се оштетувани од небрежноста на читателите.
Од НУБ истакнуваат дека оштетувањето и изнесувањето на материјалите од просторот на библиотеката е појава регистрирана кај сите библиотеки, па и кај нив.
„Фондот на националната библиотека се користи исклучиво во читалните. Така оштетувањето се сведува на минимум. Сепак, се случува, па должни сме да реагираме. Оштетувањето на материјалите се превенира со присуство на библиотекар во читалницата и задолжителна проверка на состојбата на материјалот при неговото враќање од страна на корисникот. Соодветно Правилникот за услуги, е да се чува и да не се оштетува зајмениот материјал. Доколку ова не се почитува, Правилникот предвидува санкции, како привремена или трајна забрана за користење на услугите на библиотеката и надоместување на штетата“, објаснуваат од НУ НУБ.
И библиотеката „Браќа Миладиновци“ се соочува со оштетување на материјалот од корисниците. Доаѓале луѓе, кинеле или подвлекувале материјал.
„Од тие причини читателите не се оставаат сами. Овие материјали се гледаат исклучиво со наше присуство. Ќе побара и ќе добие весник, но јас сум до читателот. Тоа е основен принцип – читател сам овде не смее да се услужува“, вели Малиќ.
Дигитализација и конзервација на кревкото минато
За да се заштитат кревките архивски примероци, еден од логичните чекори е дигитализацијата. Но, освен што тој процес е навистина скап, ваквиот вид на конзервација се соочува и со други пречки, како авторските права и недостатокот на специјализиран кадар.
Од НУБ велат дека процесот на дигитализација на библиотечни и фонотечните материјали е добар, според меѓународни и национални стандарди. Отпочнат е во 1995 година, кога е создадена првата експериментална база на дигитални ракописи. Но, со донесувањето на „Стратегијата за дигитализација на специјалните збирки во НУБ 2008 – 2011“, отпочнува организираниот процес на дигитализација на библиотечните фондови во државата, а 2010 година го означува почетокот на реализацијата на техничките сегменти од процесот на дигитализација, како скенирање, обработка и поставување на дигиталните колекции на веб страницата dlib.mk.
Кога станува збор за дневните весници, оттаму појаснуваат дека дигитализацијата на библиотечни материјали во библиотеката се врши соодветно на донесената Стратегија, но и според барања и потреби на корисниците. Истовремено, предвид треба да се земат и авторските права.
„Па така во рамки на Центарот, процесот на дигитализација го поминале илјадници страници на библиотечен материјал, меѓу кои и многу дневни весници, но треба да се издвои Проектот за дигитализација на првиот македонски дневен весник ‘Нова Македонија’ кој беше поддржан од Министерството за култура и во рамки на кој веќе се дигитализирани првите четири години од почетокот на неговото издавање (1944-1947). Националната библиотека продолжува со втората фаза на реализацијата на овој проект“, нагласуваат од институцијата.
Од НУБ посочуваат услов за објавување на дигитализираните материјали на страната на Дигиталната библиотека на РСМ се регулирани авторски права.
„Дневните весници, постоечки и згаснати, како и други публикации можат да се дигитализираат и се дигитализираат во нашиот Центар за дигитализација. По завршувањето на обработката тие во форма на корисничка копија се достапни за корисниците во читалниците на библиотеката исклучиво за истражувачки цели, соодветно функцијата на библиотеката. За достапност на материјалот преку веб страната на dlib.mk мора да бидат регулирани авторските права согласно Закон. Но, новата веб платформа dlib.mk е во фаза на подготовка и интензивно размислуваме околу ефикасното информирање на корисниците за начините на користење на сите дигитални содржини кои националната библиотека ги поседува, а не само за тие кои се веќе достапни преку платформата“, велат од НУБ.
Од институцијата истакнуваат дека последните години интересот за дигитализација на библиотечното и фонотечното наследство е во постојан подем. Сепак, како проблем ги издвојуваат финансиите и недостатокот на стручен кадар.
Процесот на дигитализација во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ е отпочнат во 2005 година, а одделот е отворен во 2006. Од библиотеката истакнуваат дека пречки за дигитализација на медиумските содржини се авторските права.
„Потребна е дозвола, се зависи од комуникацијата со сопствениците на весниците, одредени луѓе, дали тие ќе дозволат или не, па се прават договори помеѓу библиотеката и сопствениците. Ние сè што дигитализираме е до 1950 година. Тука можеме. Сега склучивме договор и со „Остен“, многу популарно издание. Среќа, тие ни дозволија и сега преку периодика ги имаме сите броеви на „Остен“, велат библиотекарките.
Тие дополнуваат дека доколку се дигитализира некое поново издание, за да се запази Законот за авторски права, се дигитализираат одреден број страници од целокупното издание.
„Што значи ако сакаме понов број од Нова Македонија тоа му доаѓа две-три страни да објавиме. Зависи колку страници има едно издание. А се што е пред 1955, или 1956 година можеме слободно да објавуваме. А за сè друго мораме да бараме дозвола од надредени лица“, велат библиотекарките, дополнувајќи дека за поновите изданија од 1991 година, немаат авторски права.
„Дигитализацијата е добра за весниците, во иднина не знаеме дали ќе бидат сочувани. Може да се случи некоја непогода, а вака ќе останат. Треба и тие [сопствениците] да имаат сфаќање, се чудиме што самите не нè бараат. Тој што знае дека ова вреди, ќе се јави, ќе каже, ќе донесе. Иако архивата содржи примероци, тие се под ризик од уништување“, заклучуваат од „Браќа Миладиновци“.
„Се крстиме“ во библиотеките
Додека кревкото минато складирано во депоата на библиотеките полека се нагризува од небрежност, авторски права, немање средства и специјализиран кадар, Михајловски вели дека новинарите се гневни дека не само што нивниот труд не е запишан – историјата не е запишана.
„Утре луѓето, историчарите, ќе сакаат да најдат архива, едно големо богатство, а тоа е во нечии приватни раце. Бидејќи со оглед како беше воден медиумскиот бизнис, мислам дека воопшто не им било гајле и воопшто не биле свесни дека во рацете имаат историја која што треба да се зачува. Така што единствено нешто што државно може да се направи е со НУБ, е да се ‘крстиме’ на нив, да се надеваме дека тие ќе можат нешто да направат“, вели авторот на популарната колумна „Сакам да кажам“.
Архивирањето на македонските дневни весници е сложен процес. Со нивното купување од приватни сопственици, кај нив остануваат авторските права.
Но, се отвора прашањето дали е во ред приватни сопственици за себе да чуваат содржина од јавен интерес, која воедно претставува национално богатство.
Михајловски објаснува дека со влегување во медиумскиот бизнис, не треба само да се „брка“ профитот преку рекламирање и да се одржуваат бизнис релациите, туку треба да се има предвид дека тоа е голема одговорност, бидејќи медиумите се дел од историјата. Тој посочува дека сè што било објавено во весниците кои веќе не постојат, претставува вложен труд – да се отиде, да се земат изјави, да се направат анализи, да се напишат колумни, да се фотографира, но тоа сето е изгубено.
„Во тие весници, и во „Утрински“, и во „Дневник“ и во „Вест“, еве и во „Теа Модерна“, – тоа е дел од историјата, не е историјата само некој какви политички изјави давал, тука имаме историја на алтернативна култура, на уметност, на естрада, сето тоа е историја на една држава која што сега е изгубена“ – Михајловски.
Од Здружението на новинари (ЗНМ) посочуваат дека и покрај тоа што се достапни повеќе онлајн архиви на интернет, не е лесно да се увиди што се случувало во минатото. А токму ваквата состојба, односно загубата на архивите од дел од медиумите е значајна и има последици врз целокупната состојба со институционалната меморија на протокот на информации во општеството.
Тие го истакнуваат примерот со МРТВ. Како национален сервис треба да се грижат за архивирањето на своите материјали, но и таа архива да биде јавно достапна за граѓаните, па и дигитализирана.
„Од друга страна пак, дигиталното архивирање во приватните медиуми е предмет на интерес на менаџментот и сопствениците на медиумите. МРТВ има обврска со цел да се зачува историски контекст значаен низ призма на известувањето, но како зачувување и дигитално архивирање на програми во сферата на култура и забава“, велат од Здружението.
Дополнително тие додаваат дека е познато дека некои онлајн медиуми ги имаат избришано архивите од некој изминат период.
„Поради својата позиција, ЗНМ не треба да навлегува во прашањето дали тие архиви се бришени заради политички интерес, но не е исклучено во иднина Здружението да ја истражува и таа тема“, велат од ЗНМ.
Децидни се дека архивите треба да се дигитализираат. Информациите би биле подостапни не само до новинарите, туку и граѓаните и ќе можат да се користат и за академски цели, компаративни истражувања и за останати слични активности.
„Се крстиме“ и во европски вредности
Министерството за култура финансира проекти од национален интерес, но годинава нема понудено проекти за дигитализација на печатени медиуми.
„Засега само НУ НУБ ‘Св. Климент Охридски’ има Центар со опрема и кадровски ресурси, кои и во оваа установа не се доволни, за остварување на процесот на дигитализација“, велат од Министерството за Радио МОФ.
Оттаму дополнуваат дека еден од главните приоритети на Министерството согласно нивниот стратешкиот план (2022-2024) претставува авторското право и сродните права.
„Приоритетна цел е остварување на систем за ефикасно остварување на авторското право и сродните права, вклучително и на колективното управување со авторското право и сродните права, како дел од започнувањето на преговорите со Европската Унија“, додаваат оттаму.
На прашањето дали се размислува за олеснување на Законот за авторски права при процесот на дигитализацијата на згаснатите печатени медиуми, чии архиви претставуваат национално богатство, од Министерството тврдат дека Законот е усогласен со сите меѓународни документи кои ја регулираат заштитата на авторите, односно на носителите на правата, што вклучува и дозволени користења под одредени услови.
Идентитетот бетон, историјата во ветер
Михајловски е гневен, посочувајќи на згаснувањето на приватниот весник „Дневник“, кој првпат излезе во 1996 година, како и исчезнатата архива.
„Со едно богатство што сме го имале од теми, од информации, од историја, некој така небрежно да се однесува и така да го уништи. Истото се случува и со А1 телевизија. Не може да се најде никаков напис, запис од А1 телевизија. Единствено некој може да објавил нешто на ‘Јутјуб’, снимил делче итн. Меѓутоа, вие немате архива од првата приватна телевизија во Македонија. Нема архива од првиот приватен весник во Македонија – ‘Дневник’. Самиот тој факт е поразителен за една држава“, забележува тој.
Според него, не можеме да водиме сметка за архивирање, бидејќи на крајот на краиштата ги немаме парите.
„Ние гледаме како да преживееме од ден на ден и да ги сервираме вестите, да ја сервисираме публиката со вести. Тогаш посебно кога станува збор за ваква држава, мала држава, тогаш таа треба озбилно да си го преземе архивирањето на медиумите“, заклучува тој.
Михајловски вели дека истото се случува и со дигиталните архиви.
„Сега да седнете и да пребарувате и во ‘Вест’ и во ‘Утрински’, нема да може да најдете никаков текст, можеби евентуално некој наслов ќе се појави од тоа што го фатиле агрегаторите, ‘Дејли’ и ‘Тајм.мк’, забележува.
„Јас би рекол, злосторство е направено, бидејќи ние имаме фактички историја отидена во ветер. Буквално изгубена“ – Михајловски.
Игор Трајковски од time.mk објаснува дека овој онлајн агрегатор на вести има две архиви. Едната служи за неделен приказ на вести на неделата и таа архивира од 2001 до денес.
„Втората архива е целосно пребарување на вестите од 2000 до 2012 и тука се вклучени медиумите ‘Дневник’, ‘Утрински весник’, ‘Вест’, ‘А1’, ‘Време’, ‘Канал5’, ‘Нетпрес’, ‘МТВ’, „Алфа“, ‘Сител’, ‘Курир’, ‘Собрание’, „Капитал“ и „Кајгана“, Трајковски, дополнувајќи дека ова е моменталната листа на медиуми кои се на time.mk.
Во однос на згаснувањето на стари содржини од онлајн медиумите, тој како најчести причини ги наведува згаснувањето на медиумите, преземање, односно продажба на медиум, редизајн на сајтот или пак намерно бришење содржини.
„Лично сметам дека потребно е да постои национална архива за вести, без разлика дали се тие веб, видео, радио или печатени, барем за вестите од медиумите кои имаат национална лиценца, како и некои други поголеми сајтови“, посочува Трајковски.
Онлајн медиумите не се регулирани за архивирање
Дека архивирањето на содржините на активните онлајн медиуми денес не е регулирано, потврдува и ЗНМ. Самите медиумите решаваат кога и како ќе ја одржуваат својата содржина.
„ЗНМ не може да се меша во одлуките на менаџментот по овие прашања. Но, сериозен и кредибилен медиум потребно е да води сметка за дигитално архивирање на оние содржини кои цени дека се со посебен јавен интерес“, забележуваат оттаму.
Од Медиумската информативната агенција (МИА) за Радио МОФ велат дека последните неколку години, претплатниците имаат пристап до архивата.
„Со оглед на некомпатибилност на различни по години системи и архивски материјали, оваа година се работи и на воведување на нов систем за архивирање, каде сите претплатници на МИА ќе имаат пристап и увид во сите архивирани содржини од постоењето на МИА до денес. Очекувањата се дека за три месеци, нашата база на архивирани медиумски содржини ќе биде достапна за претплатниците и корисниците“, нагласува МИА.
Архивирањето на медиумските содржини за агенцијата, по автоматизам го прави системот во кој новинарите работат, каде остануваат зачувани сите содржини наменети за интерна употреба на вработените.
„Минатата година само на македонски јазик во таа база на податоци се архивирани речиси 80.000 текстуални содржини. Дополнително, во нешто помал број има и содржини на албански и англиски јазик. Секоја содржина во моментот кога се дистрибуира до корисниците и претплатниците веднаш се архивира во нашата датабаза на податоци, така што како што без проблем оди дистрибуцијата, така и без проблеми се врши и архивирањето. Така што досега немаме забележано никаков проблем при архивирањето на нашите медиумски содржини и тие стојат безбедни и зачувани во нашата база на податоци“, велат од МИА.
Зборувајќи за политиките за архивирање на сајтот САКАМДАКАЖАМ, каде Михајловски е актуелен уредник, тој вели дека моментално сите содржини се на сервер и се трудат тие да бидат што е можно побезбедни.
„Одвреме навреме мораме да бидеме во тек и плаќаме за заштита и за појачување на серверите. Меѓутоа знаете како е, дигиталните редакции понекогаш и државата не ги признава како медиуми. И немаме ни законска обврска ние да чуваме архива. Тоа е исто така една голема фалинка. Можеме утре да затвориме, да престанеме да го плаќаме серверот и сè ова што имаме да се изгуби. Ова се случува и со сите други дигитални медиуми“, објаснува тој.
Истовремено, тој посочува и на состојбата со приватните телевизии кои имаат национална концесија, за што вели дека како и сè друго што не е регулирано, така за нив не е регулирано ниту архивирањето.
„Сè е останато на професионалноста, ентузијазмот, одговорноста на тие што ги водат медиумите. Многу често овие медиуми се регистрирани како невладини организации. Невладина организација денес постои, по неколку години може да не постои, ќе секне некој проект и нема да има пари да се одржуваат серверите. Така што, мислам дека мора да има некоја законска обврска, да се чува архивата, макар и државата да ја има таа обврска“, вели тој.
Колку пари – толку архива
Моментално, во Македонија дневните весници се бројат на прсти, оние како „Слободен печат“, „Вечер“, „Нова Македонија“… Од последниов за Радио МОФ велат дека нивната дигитална архива оди најдалеку до 2008 година.
„За физичките весници мора да се оди во библиотека. Ние ги чуваме во магацин, кој што е заштитен и не е баш лесно да се оди и да се земе. Тоа се специјални архиви, со посебни температури, па и ние ги користиме библиотеките“, велат оттаму.
Разговарајќи со вработен во ИТ секторот на „Нова Македонија“, кој работи и на процесот на дигитализација, тој шеговито, вели дека дигиталната архива на весникот има шанси да се надогради, доколку за тоа се добијат средства од ЕУ, бидејќи процесот чини половина милион евра.
„Еве баш вчера се јавував по тие фондови, нема ништо за Македонија, а инаку тоа спаѓа под зачувување на културно наследство. Тоа многу чини, сега можеби е поевтино. Така што ако некој не даде пари, или држава или Европа, тешко ќе се прави“, нагласува тој.
Зборувајќи за дигитализацијата на старите броеви на „Нова Македонија“, процес кој се одвива во НУБ, тој посочува дека само неколку броја од весникот се дигитализирани.
„Мора заедно, бидејќи ние имаме архива, нешто ни фали, нешто има кај нив. Авторските права наши се, но тоа може да се договори. Ако тие најдат средства, заеднички ќе ја користиме архивата, не е тоа спорно. Но, ако ја направиме со фондови да биде бесплатна за народот. Како богатство. Тука се тие некои прашања што треба да се решат“, велат од ИТ секторот.
При посетата на Радио МОФ во НУБ, потврдивме дека на дигитализација на фондот, работи само едно лице.
„Јас пробав 10 пати до сега да најдам средства, не најдов. Ако најдам, сигурно ќе ја дигитализираме, само од наши средства тешко. Тоа е голема инвестиција, плус тоа е само да дигитализираш, без ‘recognition’, да ги добиеш во PDF, а кај се после сервери за тоа да се пребарува, тоа е плус трошок. Софтвер, за да ги препознае, нели и буквите се стари, фонтови, многу работа“, велат од ИТ секторот на „Нова Македонија“.
Зборувајќи за физичката архива, оттаму објаснуваат дека броевите на весникот „Нова Македонија“ постои и иако таа се чува во просториите на весникот, се чува на посебни температури, што чини многу, притоа додавајќи дека станува збор за работна архива, која е оштетена.
„Нешто ние имаме подобро сочувано, нешто една библиотека, нешто друга, но тоа сè старее. Јас сум во Нова Македонија од 2008, и од тогаш е почнато ова да се збори, но хартијата е сè постара и постара. Тоа е проблем“, вели тој.
Од ИТ секторот велат дека не пропуштиле година за да бараат средства од различни фондови – Европа, Светска банка, Министерство за култура, но велат безуспешно, бидејќи нема разбирање, а реалноста е дека големи пари се во прашање.
Радио МОФ контактираше и со дневниот весник „Вечер“. Оттаму ни кажаа дека весникот има архива за внатрешна употреба, односно хемеротека.
„Ги чуваме сите броеви од 63 година, од 2004/5 година имаме и електронска ПДФ архива, а во моментов сме во процес на дигитализација на сите изданија, тоа е еден сложен процес кој што се надеваме дека во наредните неколку години ќе биде спроведен во целост“, велат од „Вечер.
До објавувањето на текстот, не ги добивме побараните одговори од „Слободен печат“.
Медиумски хаос води кон пост-вистина
Хаџиевска смета дека со повисокиот развој на начините и пристапите кон систематизирањето на колективната меморија доаѓаат цивилизациски придобивки, како и образовен и хуманистички напредок.
„Со критичкиот пристап кон минатото и освестувањето на тоа како функционираат политиките на меморија се надоврзуваат и медиумската и политичката писменост. Зарем современите конспирации и теории на заговор не содржат голем број на фолклор и митологизација на минатото? Токму затоа, квалитетната работа на институциите како и дигиталната транзиција кон добро организирани бази на податоци со извори од нашето минато се клучни за надминување на кризите на „пост-вистина“, заклучува таа.
Хаџиевска додава дека дообјаснување може да се најде низ концептот за „пред-архивски менталитет“ кој често се користи во теориите за постколонијаност, каде во општества кои долго време биле потиснати од различна туѓинска власт, владее широка трома администрација, но низ административна неписменост и неорганизираност на населението, како последица на формите на колонијално и културно „ропство“.
„Понатаму, тоа се префрла на начините на кои се пристапува на негувањето на минатото и архивската – документациона меморија“, децидна е таа.
„Оние што доаѓаат после нас, после 20, 30, 50, па и 100 години, многу тешко ќе се снајдат кога ќе сакаат да откријат што се случувало во овој период. Преплавени сме од нерелевантни вести, од кои не се знае што треба да се архивира, што не вреди да се архивира. Ќе му ја мислат тие што доаѓаат после нас“ – Михајловски.
Одговарајќи на тоа дали е потребна нова јавна база во интерес на јавното добро, Филков вели дека тоа е нешто што требало да започне одамна.
„За жал, кога не може државата, мора да можат граѓаните. Една можност е оваа што ја сугерирате, а друга е ставање на јавно користење на приватните библиотеки. Сигурен сум дека има многу индивидуалци коишто имаат огромни архиви кои можат да ги отворат за јавноста. И во двата случаи тоа треба да се направи со одредена поддршка од трета страна, финансиска и со персонал. Тука доаѓаме повторно до државата која треба да го организира и помогне тој процес“, вели тој.
Текст: Ивана Смилевска
Фото и видео: Емилија Петреска