Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ) го распиша единаесеттиот конкурс за биофотографија на тема: „Флора и фантазија“.
Конкурсот ќе трае со 15 јуни, а право на учество имаат сите граѓани без разлика на возраста. Фотографиите за конкурсот треба да се испратат на е-адресата idsbiolozi@gmail.com, заедно со координатите или локалитетот на фотографијата од растението, име и презиме и опционално телефонски број.
Од ИДСБ информираат дека оваа година, главен мотив на фотографиите треба да бидат диворастечките растенија во Македонија.
„Ги фотографираме членестостеблените растенија ‘SPHENOPSIDA’ и папратовидните растенија ‘PTEROPSIDA’ – со своите три оддели: папрати ‘FILICINAE’, голосемени ‘GYMNOSPERMAE’ и скриеносемени растенија ‘ANGIOSPERMAE’“, велат оттаму.
Од ИДСБ дополнуваат дека најдобрите фотографии од конкурсот ќе бидат избрани преку гласање на Фејсбук и од комисија и од комисија составена од претседателството на ИДСБ, професори по биологија и од професионални фотографи.
Трите најдобри фотографии ќе бидат наградени, а сите пристигнати фотографии ќе бидат претставени на изложба која ќе се одржи на крајот на месец јуни.
Правила за учество на конкурсот:
– Растенијата (членестостеблени, папрати, голосемени и скриеносемени) мора да бидат диворастечки на територијата на Северна Македонија. Сценирани, фотошопирани и фотографии со вештачка сценографија нема да влезат во изборот на конкурсот, како и фотографии од собни или градинарски растенија.
– На секоја испратена фотографија треба да стои воден печат со името или симболот на авторот.
– Бројот на испратени фотографии од еден автор е ограничен на две.
– Фотографијата не смее претходно да биде наградувана или објавувана.
– Организаторот го задржува правото да ги објавува фотографиите во своите јавни публикации и изданија.
– Фотографиите кои не ги исполнуваат условите нема да бидат објавувани.
– Фотографиите кои ќе добијат гласови прекy „лајк-генератори“ на Фејсбук ќе бидат дисквалификувани.