Владата донесе одлука со која ги задолжи сите јавни институции да обезбедат заштеда на електрична енергија од 15 проценти, а истовремено и голем дел од општините јавно објавија кои и какви мерки за штедење започнуваат да применуваат во услови на енергетска и други кризи. Од друга страна, во јавноста сведочиме и за растечка недоверба и дилема дали институциите на централно и локално ниво навистина се рационални во овие времиња и спроведуваат конкретни мерки за штедење или, пак, тоа е само јавна заложба на која нема да се опстои.
Од овие причини, Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) предложи изработка на дигитална апликација, која на едноставен начин би покажала колку секоја институција навистина штеди на месечно ниво. Според нив, на овој начин би се надминал јазот и би се подобрила довербата помеѓу јавните институции и граѓаните.
„Дигиталната апликација би содржела едноставни и лесно мерливи параметри: пр. Колку киловати струја или метри кубни вода одредена институција потрошила во октомври 2021 година, а колку истата институција потрошила овој октомври 2022 година. Понатаму, колку пари за репрезентација биле потрошени истиот месец годинава споредено со истиот месец лани итн“, велат од ИДУЕП.
Идејата на ИДУЕП е апликацијата да биде заедничка платформа за сите јавни институции на централно и локално ниво, а би била креирана во соработка со ИТ секторот во земјава. Апликацијата би се ажурирала на месечно ниво и би требало да биде достапна и отворена за сите, а граѓаните и медиумите на овој начин ќе можат лесно и во секое време да проверат и да се уверат дека институциите ги почитуваат мерките и се однесуваат одговорно со заедничкиот буџет и пари, особено во време на кризи.
„Јавните институции е неопходно да го дадат првиот пример за одговорност и штедење пред да побараат од сите останати да преземат нешто такво. Само на таков начин ќе може да почне да се враќа довербата на релација граѓани-институции, како и да се спроведат какви било мерки за штедење. Нема алтернатива на транспарентноста на институциите, особено во дигитално време кога сите јавни податоци треба да се достапни во секое време од денот“, вели Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП.
Од ИДУЕП најавуваат дека оваа иницијатива ќе ја поднесат до државниот врв, како и други надлежни институции и организации.