Игли и бубачки во храната, оброци со сомнителен квалитет, искршен мебел и влага, а топлата вода е реткост, е секојдневието на студентите во државниот студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје, тврди група на станари кои испратија писмо до Радио МОФ.
Заедно со него, испратија и фотографија од панцерота која појаснуваат дека била послужена како вечера во четвртокот, а во која студент сретнал игла.
„Оваа панцерота од студентскиот дом Гоце Делчев е само еден од многуте примери за тоа што јадат и како се хранат студентите во студентските домови“, стои во писмото на студентите кои побараа да останат анонимни.
Тие за Радио МОФ велат дека реагирале до надлежните во домот, но биле изигнорирани, а дел биле и мета на потсмев од вработените. Како што појаснуваат во писмото, веќе трета година живеат во студентски домови, дел претходно биле сместени и во „Кузман Јосифовски-Питу“ и во „Пелагонија“.
„И претходно условите биле прилично лоши, но колку толку се функцинираше како треба. Оваа година што е на самиот старт е навистина лоша“, се жалат групата студенти.
„Ова не се услови во кои студентите, а особено ние апсолвентите треба да учиме и пред се живееме“, стои во нивното писмо.