Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) на 3 и 4 мај оваа година ја организира Меѓународната книжевна манифестација „Вавилон”.
Годинашни добитници на меѓународната награда „Вавилон” се Игор Мировиќ, поет од Војводина и Јордан Плевнеш, писател од Македонија.
Свеченото отворање ќе биде на 3 мај со почеток во 11 часот во Свечената сала на ДПМ. По музичката точка на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје, Насока за традиционална музика и игра, поздравна реч ќе има проф. д-р Христо Петрески, претседател на ДПМ, а беседа за Вавилон ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска, претседателка на Собранието на ДПМ.
Признанието „Македониум” ќе им биде доделено на Културно-информативните центри на РС Македонија во: Њујорк, Софија, Истанбул, Тирана и Загреб.
Во продолжение на програмата ќе следува „Поезија на реки од јазици” со учество и настап на истакнати поети од земјава и странство.
Следниот ден ќе се одржи литературно матине „Вавилон” во галеријата Даут Пашин Амам во Старата скопска чаршија, со почеток во 11 часот. Ќе настапат учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје, насока за традиционална музика и игра, а поздравна реч ќе има проф. д-р Дита Старова, директорка на Националната галерија на РС Македонија.
По беседите на добитниците на наградата „Вавилон” Игор Мировиќ и Јордан Плевнеш, ќе настапат афирмирани писатели од земјава и странство.
Манифестацијата „Вавилон” е меѓународна и традиционална, а годинава се очекува да има учесници од: Македонија, Србија, Италија, Шпанија и други земји.