Со вкупно 22 номинации, серијата „Игра на троновите“ води во трката за овогодишните Еми награди, кои се доделуваат за најдобрите производи во американската телевизиска индустрија.
Седмата сезона на серијата, е номинирана во категориите за најдобра драма, како и во трка за актерските награди со номинации за Питер Динклиџ, Лина Хедли, Диана Риг и Николај Костер-Волдо.
Зад „Игра на троновите“ следуваат другата популарна драма на ХБО, „Вестворлд“, како и комичното шоу „Saturday Night Live“ кои имаат по 21 номинација. Дистописката „Приказна на робинката“ освои 20 номинации за втората сезона од серијата.
Сепак, најголем победник е стриминг сервисот „Нетфликс“ кои имаат најмногу номинации за своите телевизиски производи – вкупно 112. Тие се подобри од ХБО, кои имаат 108 номинации, додека далеку на третото место е НБЦ со 78 номинации. Ова е прв пат по 18 години кога листата на номинации не ја предводи кабелска мрежа.
Покрај „Игра на Троновите“ (Game of Thrones), „Приказна на робинката“ (The Handmaid’s Tale) и „Вестворлд“ (Westworld), за најдобра серија – драма се номинирани и „Американците“ (The Americans), „Круната“ (The Crown), „Чудни нешта“ (Stranger Things) и „Ова сме ние“ (This Is Us).
За најдобар актер во драма серија номинирани се: Стерлинг К Браун и Мино Вентимила од „Ова сме ние“, Ед Херис и Џефри Рајт од „Вестворлд“, Метју Рис од „Американците“ и Џејсот Бејтмен за „Озарк“.
За најдобра актерка во драма серија номинирани се: Клер Фој од „Кралицата“, Татјана Малсани од „Орфан Блек“, Елизабет Мос од „Приказна на робинката“, Еван Рејчел Вуд од „Вестворлд“, Кери Расел од „Американците“ и Сандра О од „Убивајќи ја Ив“.