ИЈЗ: 30.4% од децата на возраст од 6 до 9 години имаат вишок килограми

Дебелината претставува глобален предизвик кој ги погодува сите слоеви на општеството, без разлика на полот, возраста, социјалниот статус или населеното место, а земјава, но и светот се соочува со сè поголеми стапки на дебелина, велат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Светскиот ден на дебелината.

Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека 30.4% од децата на возраст 6-9 години живеат со вишок на килограми. Од нив, 13.8% живеат со дебелина, а 4.4% со екстремна дебелина. Меѓутоа, досегашните напори, кои главно беа насочени кон поединците, веќе не се доволни, посочуваат од ИЈЗ.

Оттаму, на Светскиот ден на дебелината порачуваат дека е време за обединување за промена на системите кои ја подржуваат оваа здравствена криза.

Од ИЈЗ велат дека дебелината не е само проблем за поединците.

„Таа е последица на неуспешни системи во различни области: системи за храна, урбано планирање, пазарот на труд, економијата и здравствените системи. Проблемот со дебелината не произлегува само од лоши избори, туку и од системи кои ја поттикнуваат нездравата исхрана, слабата физичка активност и неадекватната здравствена грижа. Во Северна Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати со промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на храна богата со шеќер, сол, заситени и транс масти, промените во животниот стил на населението во насока на потрошувачко општество и ниски нивоа на физичка активност. Ги повикуваме сите чинители да се фокусираат на промената на системите кои ја создаваат оваа криза. Потребно е да се преиспитаат регулативите во системите за храна, здравствените политики и општествените услови кои влијаат на нашите секојдневни навики“, велат од ИЈЗ.

Истовремено, оттаму велат дека решавањето на проблемот со дебелината бара поширок и посуштински пристап.

Според нив, потребно е да се работи на промената на системите за храна преку воведување ефективни регулативи за намалување на потрошувачката на храна и пијалаци кои ја поттикнуваат дебелината.

„Фискални политики, како што се даноците на засладени пијалаци и забраните за рекламирање на производи со висока содржина на шеќер, сол, заситени и транс масти, треба да станат задолжителни. Треба да се создадат јасни правила за обележување на храната, така што потрошувачите ќе можат да прават информирани избори за своето здравје. Истовремено, здравствениот систем во Северна Македонија треба да биде подготвен за грижа на лицата со дебелина, со интегрирани програми за превенција и третман вклучени во здравствените пакети. Ова подразбира пристап до примарни, секундарни и терциерни услуги за луѓето со дебелина, како и редовно следење на факторите на ризик и спроведување на превентивни мерки“, велат од ИЈЗ.

Дополнително, според Институтот, локалната самоуправа има клучна улога во создавањето на услови кои ќе овозможат поголема физичка активност и здрави навики.

„Изградбата на јавни зелени површини за рекреација и развој на инфраструктура за пешачење и велосипедизам се неопходни чекори за поттикнување на здравиот начин на живот. Работодавците, исто така, можат да играат важна улога во намалувањето на стигмата и во создавањето на работни услови кои ги поддржуваат здравите навики“, додаваат од ИЈЗ.

Дебелината не е само резултат на лоши избори или недостаток на дисциплина, децидни се од Институтот за јавно здравје, додавајќи дека тоа е болест која ја зголемува веројатноста за развој на други сериозни здравствени проблеми, како што се срцеви заболувања, дијабетес и рак.

„Затоа е важно дебелината да се препознае како болест и да се интегрира во здравствените системи како основен приоритет за превенција и третман“, велат од ИЈЗ.

Од Институтот ги повикаа донесувачите на одлуки да дејствуваат брзо и ефективно за промената на системите кои ја предизвикуваат оваа здравствена и општествена криза.

„Без комплексен и системски пристап, проблемот со дебелината ќе продолжи да расте, создавајќи огромен товар на здравствениот систем и општеството“, истакнуваат од ИЈЗ.