22% од лицата кои изминатата недела беа позитивни на Ковид-19 се на возраст од 30-39 години, со што оваа возрасна група е најзастапена меѓу новите случаи, информираат од Министерството за здравство, откако Институтот за јавно здравје го објави новиот извештај за периодот од 19-ти до 25-ти октомври.
Дополнително 15,8 проценти од новозаболените биле лица на возраст меѓу 20 и 29 години, со што овие две возрасни категории претставуваат повеќе од третина од сите позитивни лица минатата недела. 18,7% од позитивните се на возраст над 60 години, 18,5% се меѓу 40 и 49 години, а 17,4% се лица на возраст од 50-59 години.
Меѓу позитивните на Ковид-19 најмалку застапени се децата до 9 години – 2,1% и оние на возраст од 10 до 19 години – 4,4%.
Изминатата недела регистрирани се вкупно 3.410 нови позитивни случаи од 35 градови во државата што претставува зголемување од 27,4% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје 48,5%, каде е забележана и највисока неделна инциденца – 267,8/100.000.
Министерството за здравство информира и дека во периодот тестирани биле вкупно 13.993 материјали во лабораториите, што е зголемување од 5,9% во однос на претходната недела, а во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 24%.
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 1.695 (49,7%) лица од женски и 1.715 (50,3%) од машки пол. Од случаите, епидемиолошки се истражени 555 или 16,3%.
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 1.566 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 477 повеќе во однос на минатата недела.
Пријавени се 84 смртни случаи од 24 града, зголемување од 71,4 отсто, во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 66 лица биле над 60 години, 13 лица на возраст од 50 до 59 години, три смртни случаи се пријавени од возрасната група 40 до 49 години и двајца во возрасната група од 30 до 39 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 45 или 53,6%.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за Состојбата со Ковид-19 за периодот од 19-25.10.2020г., како и Кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје http://iph.mk/
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.