Во периодот од 21 до 27 септември регистрирани се 890 новозаразени со Ковид-19 од 31 град во државава, што претставува намалување од 6.4% во однос на минатата недела. Најголем број од нив се од Скопје, односно 315 случаи или 35.4%, додека највисока неделна инциденца е регистрирана во Кочани, 175.1 на 100.000 жители, стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Како што информираат од Министерството за здравство (МЗ) процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 9.2% или 0.6% помалку во однос на претходната недела. Во овој период, се посочува дека се тестирани вкупно 9.691 материјали во лабораториите, што претставува 0.3% повеќе во однос на минатата недела.
Пријавени се 28 смртни случаи, што претставува намалување од 41.7% во однос на минатата недела, информираат од МЗ. Оттаму додаваат дека во однос на возраста, 23 лица биле над 60 години, четири на возраст од 50-59 и едно лице на возраст од 40-49 години. Сите починати биле хоспитализирани, а коморбидитети биле регистрирани кај 25 починати лица.
Регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи, додека најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, односно 184 лица или 20.7%, се додава во извештајот. Најмал број на новозаразени е регистриран кај децата од 0 до 9 години, односно 28 деца или 3.1% и возрасната група од 10 до 19 години, односно, 72 лица или 8.1%.
„Од случаите кои се епидемиолошки истражени, 864, односно 97.1%, регистрирани се 138 или 16.0% хоспитализирани, а кај 231 лице, односно, кај 26.8% е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи во периодот 21-27 септември, 332 или 38.5% имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 27 лица со историја на патување (во последни 14 дена). По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 705 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што претставува зголемување за 11% во однос на претходната недела“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19, како и Кумулативната состојба со Ковид-19 се достапни на веб-страницата на Институтот за јавно здравје.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.