Според новиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во периодот од 26 април до 2 мај, во земјава се регистрирани 2.076 нови случаи на Ковид-19 од 34 градови, односно, намалување од 39.7% во однос на минатата недела, информираше Министерството за здравство (МЗ).
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, 857 случаи или 41,5%, со неделна инциденца од 138.8 случаи на 100.000 граѓани, додека највисока неделна инциденца од 211.0 случаи на 100.000 граѓани е регистрирана во Виница, стои во извештајот на ИЈЗ.
„Процентот на позитивност се движи од 9.6% до 17.7%, просечно 13.1%, со намалување за 4.9% во однос на минатата недела. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60, 781 случај или 37.6%. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59, 349 случаи или 16.8%, кај групата од 40-49, 333 случаи или 16.0%, кај групата 30-39 години, 323 случаи или 15.6% и 20-29 172 случаи или 8.3%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9, 33 случаи или 1.6% и 10-19 години, 85 случаи или 4.1%“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Во овој период пријавени се 167 смртни случаи од Ковид-19 од 22 градови, односно, 20.9% помалку во однос на минатата недела. Според возраста, од лицата кои починале 150 лица биле над 60 години, 15 лица на возраст од 50 до 59 години и по едно лице во возрасните групи од 30 до 39 години и 40 до 49 години, се додава во извештајот.
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“, како што се посочува во извештајот, се стекнале 4.012 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со намалување од 34.5% во споредба со минатата недела.
Во однос на имунизацијата со Ковид-19, заклучно со 2 мај, со вакцината на „Фајзер“ се вакцинирани вкупно 19.858 лица, односно 15.933 со прва доза и 3.925 лица со втора доза. Со вакцината „Спутник“ се вакцинирани 34.177 лица, 22.768 со прва доза и 11.409 лица со втора доза, со вакцината на „АстраЗенека“ вкупно се вакцинирани 21.949 лица, додека со вакцината на „Синофарм“ се вакцинирани 953 лица.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 26 април до 2 мај 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб-страницата на Институтот за јавно здравје.