Во периодот од 3 до 9 мај, според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во земјава се пријавени 105 смртни случаи од Ковид-19 од 21 град, односно 37.1% помалку во однос на минатата недела. Од починатите, 91 лице било на возраст од над 60 години, 6 лица на возраст од 50-59 години, 5 лица на возраст од 40-49 години, 2 лица од 30-39 години и едно лице на возраст од 20-29 години.
Истовремено, биле регистрирани 1.304 нови случаи на Ковид-19 од 33 градови, односно, забележано е намалување од 37.2% во однос на минатата недела. Претходната недела биле тестирани вкупно 15.781 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 5,4% во однос на минатата недела.
„Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, 482 случаи или 37.0%, со неделна инциденца – 78.0/100.000. Највисока неделна инциденца од 169.9/100.000 е регистрирана во Виница. Процентот на позитивност се движи од 2.5% до 12.2%, просечно 7.5%“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Според ИЈЗ, регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години, со 508 случаи или 39%, додека голем број на заболени лица се регистрира и во возрасната група од 40 до 49 години, 227 случаи или 17.4% и кај возрасната група од 50-59 години, 208 случаи или 16%.
Исто така, се регистрираат 176 случаи или 13.5% кај возрасната група од 30 до 39 години и 106 случаи или 8.1% кај лицата на возраст од 20 до 29 години.
„Најмал број е регистриран кај децата од 0-9, 26 или 2.0% и 10-19 години 53 случаи или 4.1%. Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најголемо процентуално намалување кај лицата до 39 години, 41.1%“, се додава во извештајот.
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 4.502 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 12.2% во споредба со минатата недела, додаваат од ИЈЗ.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 3 до 9 мај 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.