ИЈЗ: Половина новодијагностицирани со Ковид-19 се од Скопје, и натаму најзастапена е возрасната група од 30 до 39 години

Во периодот од 12 до 18 октомври годинава, во лабораториите ширум земјава се тестирани 13.213 материјали за присуство на Ковид-19, а од нив се регистрирани 2.676 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, што претставува зголемување од 19.3% во однос на минатата недела, стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), соопшти Министерството за здравство (МЗ).

Најголем дел од регистрираните случаи, односно 51.4% се од Скопје. Ширум земјава, регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, додека најзастапена е возрасната група на лица на возраст од 30 до 39 години, односно 559 заразени или 20.9 проценти, се вели во извештајот.

„Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49, односно 522, или 19,5%, кај возрасната група 20-29, 470, односно, 17,6%, над 60 години, 469 или 17,5% и кај групата 50-59 години, 443, односно 16,6%. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9, 79 или 3,0% и 10-19 години, 134 или 5,0%“, се додава во нивниот извештај.

Од МЗ информираат дека од 1.313 случаи, односно 49.1%, кои се епидемиолошки истражени, регистрирани се 96 хоспитализирани, додека кај 305 лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи пак, 470 или 35.9% имале контакт со потврден случај.

„По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 1.089 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 25% повеќе во однос на минатата недела“, се вели во извештајот.

Во овој период пријавени се 49 смртни случаи од 16 градови, а според ресорното министерство, тоа претставува зголемување од 58.1% во однос на минатата недела.

„Во однос на возраста, 38 лица биле над 60 години, 9 лица на возраст од 50-59 години и 2 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 35 починати лица“, се додава во извештајот.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за Состојбата со Ковид-19 за периодот од 12-18.10.2020г., како и Кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.