ИЈЗ: Учениците не одат во школски тоалети зашто смрдат, па „закачуваат“ уринарни инфекции

Лошите услови во училишните тоалети е причина повеќето од учениците да избегнуваат да ги користат, што подоцна води до чести уринарни инфекции и констипација заради долготрајната задршка на урината и столицата, пишува во последниот Извештај за пристап до вода, хигиена и санитација во училишна средина, кој го објави Институтот за јавно здравје. Оттаму лани, биле извршиле увиди во вкупно 292 училишта, од кои 107 училишта во урбана средина и 185 училишта во урбана средина, пренесува агенцијата Мета.мк.

Како што се наведува, примената и достапноста на основни средства за хигиена на раце (сапун) е проблем во одреден број училишта во државата. Во однос на оваа тема, има влошување во однос на претходната 2023 година кога 88,1 отсто во училиштата во урбаните средини и 79,9 отсто во руралните средини имале достапност на хигиенски средства. Процентот на позитивни одговори во однос ова во 2024 изнесува во просек 76,3 отсто во училиштата во урбаните средини, и 68,8 отсто во руралните средини.

„На територијата која административно ја покрива Центарот за јавно здравје – Скопје, во училиштата во урбана средина учат вкупно 19,172 ученици, а во рурална средина, вкупно 1.739 ученици. На ЈП Водовод и канализација се приклучени 29 (72,5 отсто), односно 24 урбани и 5 рурални училишта. На Јавно комунално претпријатие се приклучени 2 (5 отсто) рурални училишта, а 9 (22,5 отсто) се на локален селски водовод. Во однос на безбедноста на водата за пиење, во сите училишта кои се приклучени на градски водовод и ЈКП водата е бактериолошки и физичко-хемиски исправна. Во училиштата приклучени на локален селски водовод, 66,7 отсто од примероците се бактериолошки неисправни, а 33,3 отсто се неисправни во однос на физичко-хемиската анализа“, се наведува во извештајот.

Во него пишува дека од големо значење е точките за вода да бидат поблиску до училниците или и во самите училници, а учениците да се охрабруваат да пијат почесто вода, посебно оние во нижите одделенија.

„За да се намали ризикот од дехидратација на учениците е потребно точките односно местата за безбедна вода да бидат соодветни за возраста и висината на корисниците/учениците вклучително и за лицата со попреченост, за да ги користат почесто и онолку колку што е потребно. Учениците кои имаат доволен внес на течности/вода во текот на наставата покажуваат повисока способност за краткотрајно памтење и подобри резултати на тестовите за вербална аналогија“, пишува во извештајот.

Увидите на надлежните покажале дека точки за миење раце во самите училници речиси и да нема, односно најчесто се лоцирани во училишните тоалети.

„Лошите услови во училишните тоалети е причина повеќето од учениците да избегнуваат да ги користат, што подоцна води до чести уринарни инфекции и констипација заради долготрајната задршка на урината и столицата. И развиени земји пријавуваат лоша состојба во дел од училиштата дури и во градска средина. Истражување спроведено во Шведска и Обединетото кралство (ОК) покажало дека учениците ги опишуваат тоалетите како непријатни места, смрдливи и застрашувачки каде честопати се случувало насилство од нивните врсници (bullying)“, наведено е во извештајот.

Во делот на препораките, наведено е дека е потребно приклучување на образовните институции во рурални средини на централен или регионален водовод и комплетно елиминирање на можностите да се водоснабдуваат од индивидуални водоснабдителни објекти (извори, селски чешми, бунари).

„Задолжителна обврска на училиштата да биде изработка на Планови за безбедност на водата во согласност со меѓународните стандарди. Училишните тоалети треба да се снабдени со сапун и тоалетна хартија да биде задолжителна обврска на училишните менаџери, а со засилен инспекциски надзор да се следи имплементацијата на таа обврска. Потребна е и п(р)оактивна вклученост на учениците во планирањето и донесувањето на одлуки на ниво на училиште, како и нивна вклученост во следење на трошоците поврзани со водата и другите трошоци на училиштето“, пишува во извештајот.

Мета