Вакцинацијата против Ковид-19 се препорачува за трудници, а сите кои имаат 18 години и се постари од 18, вклучително и оние кои се бремени, кои дојат и се обидуваат да забременат сега или планираат во иднина, треба да бидат целосно вакцинирани, препорачува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Оттаму посочуваат дека вакцината може да заштити од сериозни компликации при Ковид-19 и додаваат дека здравата мајка е важна за здраво бебе.
„Ако жената забремени откако ја добила првата вакцина против КОВИД-19, а се потребни две дози (т.е.,Pfizer-BioN Tech вакцина за КОВИД-19 или вакцина Moderna за КОВИД-19), треба да ја прими втората вакцина за да добие што е можно поголема заштита. Пред вакцинација против КОВИД-19 во бременоста се препорачува задолжителна консултација со матичниот гинеколог во врска со процената на возраст на пациентката, потоа гестациската старост на плодот и секако претходни индивидуални здравствени состојби, ризици и заболувања“, велат од ИЈЗ.
Оттаму додаваат дека е потребно да се знае следново:
- Бремените жени имаат поголема веројатност да се разболат со КОВИД-19 (со последици) во споредба со останатите жени кои не се бремени;
- Вакцинацијата може да заштити од тешки заболувања кои може да ги предизвика КОВИД-19;
- Вакцинацијата против КОВИД -19 се препорачува на жени кои планираат да забременат во иднина, се бремени или пак се доилки;
- Бремените жени можат да примат бустер доза;
- Доказите за безбедност и ефективност на вакцината против КОВИД-19 за време на бременоста растат;
- Овие податоци уверуваат дека придобивките од примањето на вакцина против КОВИД-19 ги надминуваат сите познати или потенцијални ризици од вакцинацијата за време на бременоста;
- Во моментов нема докази дека било која вакцина, вклучувајќи ја и вакцината против КОВИД-19, предизвикуваат проблеми со плодноста кај жените или мажите.
Вакцините против Ковид-19 не предизвикуваат инфекција со Ковид-19 кај луѓето, вклучувајќи ги бремените жени и нивните бебиња, велат од Институтот. Ниту една од вакцините за Ковид-19 не содржи жив вирус и не може никој да се разболи со КОВИД-19, вклучително и бремените жени и нивните бебиња, додаваат од ИЈЗ. Според нив, раните податоци за безбедноста на примањето на вакцина против mRNA (Moderna или Pfizer-BioNTech) за време на бременоста се смирувачки.
„Податоците од системите за следење на безбедност не откриваат никакви грижи и сомнежи за жени кои примиле вакцина против mRNA КОВИД -19 доцна во бременоста или за нивните бебиња. Научниците не откриле зголемен ризик за спонтан абортус кај жените кои примиле вакцина против mRNA КОВИД-19 непосредно пред и за време на раната бременост (пред 20 -та недела од бременоста)“, велат од ИЈЗ.
Вакцинацијата за време на бременоста создава антитела кои би можеле да го штитат бебето, истакнуваат од ИЈЗ.
„Кога бремените жени примаат вакцина против КОВИД-19, нивното тело создава антитела слично како и кај луѓето кои не се бремени. Антителата создадени откако бремената личност примила вакцина против mRNA КОВИД-19 биле пронајдени во крвта од папочната врвца. Ова значи дека вакцинацијата против КОВИД-19 за време на бременоста може да помогне во заштита на новороденчињата од КОВИД-19. Потребни се повеќе податоци да се утврди како овие антитела, слични на оние произведени и од други вакцини можат да обезбедат заштита на бебето“, се вели во нивното соопштение.
Од Институтот велат дека ретко можат да се појават несакани ефекти по примањето на која било од достапните вакцини за Ковид-19, особено по втората доза на вакцина. Жените кои се бремени, од ИЈЗ велат дека не пријавиле различни несакани ефекти од жените кои не се бремени и останатите вакцинирани луѓе по вакцинацијата со mRNA КОВИД -19 (Moderna или Pfizer-BioNTech).
„Некои луѓе имаат несакани ефекти од вакцината, што се нормални знаци дека нивното тело гради заштита. Овие несакани ефекти можат да влијаат на нивната способност да вршат секојдневни активности, но тие треба да исчезнат за неколку дена. Некои луѓе немаат несакани ефекти, а алергиските реакции се ретки. Несаканите ефекти кои можат да предизвикаат долгорочен здравствен проблем се крајно невообичаени по каква било вакцинација, вклучително и вакцинација против КОВИД-19. Ако се појават негативни ефекти, тие вообичаено се случуваат во рок од 6 недели од примање на доза на вакцина“, велат од ИЈЗ.
Вообичаени ефекти, од ИЈЗ додаваат дека се болка, црвенило, оток, замор, главоболка, мускулна болка, треска и гадење.
„Тешки алергиски реакции по вакцинацијата со КОВИД-19 се ретки, скоро и да ги нема. Секој што имал тешка алергиска реакција откако примил вакцина против КОВИД-19 не треба да добие друга доза од која било од вакцините mRNA КОВИД -19 (Moderna или Pfizer-BioNTech). Во врска со штетните ефекти од вакцинацијата сакаме да потенцираме дека досега не се пронајдени податоци за штетни состојки кои би можеле да и наштетат на бремената жена како и на нејзиниот плод, ниту пак можат да предизвикаат КОВИД -19 акутни инфекции“, додаваат од ИЈЗ.
Оттаму се децидни дека заштитата на јавното здравје е одговорност на сите.