Микробиолошки, водите од Охридското Езеро се класифицираат како „одлични”, освен во месец јули и декември лани, кога водата се класифицира како „незадоволителна” заради зголемен број на ентерококус. Најголем број примероци површинска вода од Охридското езеро се класифицираат во III класа заради зголемен најверојатен број на колиформни бактерии, како и во IV-V класа во месец јануари, август и септември. Ова е наведено во последниот извештај за состојбата, квалитетот и безбедноста на површинските води во Македонија, кој го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), пишува новинската агенција Мета.
„Водите од Преспанското езеро се класифицираат како „одлични“ со исклучок на 2 примерокa каде водата се класифицира како „добра“ (месец март) и „незадоволителна“ (април), заради зголемен број на цревни ентерококи (Enterococcus). Водата на Дојранско езеро се класифицира како „одлична” во само 4 испитани примероци (февруари, април, октомври и ноември). Како класа „добра”, површинската вода класифицира во месец јануари заради зголемен број на Escherichia coli, а заради зголемен број на цревни ентерококи во јули и август. Како „незадоволителна” површинската вода се класифицира заради зголемен број на цревни ентерококи во месец март, мај, јуни, септември и декември“, пишува во извештајот.
Според доставените извештаи од регионалните центри за јавно здравје, според ИЈЗ, може да се заклучи дека водите во трите природни езера, се класифицираат во класа „одлична” односно, може да се употребуваат за капење, спорт и рекреација.
Сепак, во делот на препораки наведено е дека иако инвестициите во пречистителни станици се едни од најскапите капитални инвестиции, потребни се поголеми напори за пречистување на отпадните води, преземање на поголема одговорност на локалната власт за спречување на загадувањето и мониторингот на водните тела, како и зголемување на јавната свест за нивна заштита.
„Клучната улога во овој процес ја игра јасната распределба на одговорноста на локалните и централните власти кои имаат должност да обезбедат квалитетни и безбедни површински води и води за капење“, наведено е во извештајот.
Институтот за јавно здравје го следи квалитетот и безбедноста на површинските води на Река Вардар (низводно од с. Трубарево и низводно од Гевгелија), како и Река Лепенец (сливно подрачје на Река Вардар).
„Во однос на микробиолошката анализа површинската вода од реката Вардар, спаѓа во IV-V класа заради зголемениот најверојатен број на термотолеранти колиформни бактериии и наод на одредени индикатори на фекално загадување (Escherichia coli, Enterococcus spp.). Согласно постоечката законска регулатива, површинската вода која е многу загадена и хипертрофична вода, во природна состојба не може да се употребува за ниедна намена“, се потенцира во извештајот.
Mинатата година, Мета пишуваше дека отпадните води во автокамповите „Љубаништа” и „Ливадишта“, хотелoт „Св. Наум“, ресторанот „Острово” и другите угостителски објекти во „Св. Наум“, се директни загадувачи на Охридското езеро, повикувајќи се на извештајот за квалитетот и здравствената безбедност на површинските води за капење од природните езера и проценка на здравствениот ризик пред почетокот на сезоната за капење, кој го објави ИЈЗ. Во него пишуваше дека тие се приклучени на канализациониот систем, но истиот не функционира.
„Во фазата на третман на отпадните води постои само дробилка за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро при што претставува директен загадувач на езерото. Отпадните комунални води содржат разновидни микроорганизми кои се патогени и предизвикуваат болести кај изложената популација. Главниот ризик со кој се соочуваат луѓето кои се капат во контаминирана вода од отпадни води е зголемувањето на морбидитетот од одредени заболувања како што се болестите на гастроинтестиналниот тракт (дијареални заболувања), горните респираторни патишта, кожата, очите или ушите“, наведено е во извештајот, кој лани пред почетокот на сезоната за капење, го објави ИЈЗ.