Во периодот од 15 до 21 март годинава, пријавени се 158 смртни случаи од Ковид-19 од 27 градови, односно, 22.5% повеќе во однос на минатата недела, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Од починатите, 135 лица биле над 60 години, 19 лица на возраст од 50-59 години, три лица од 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години.
Во истиот период, според извештајот на ИЈЗ, тестирани се вкупно 24.517 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 8.4% во однос на минатата недела.
„Регистрирани сe 6.899 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 26.4% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, 3.441 или 49.9%, со неделна инциденца – 557,1/100.000. Највисока неделна инциденца од 899.1/100.000 е регистрирана во Неготино (заедно со Демир Капија)“, стои во соопштението.
Процентот на позитивност пак, се движи од 23.4 до 32.3, односно просечно 27.9%, или 3% повеќе во споредба со минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60, 1.772 случаи или 25.7%. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39, 1.303 случаи или 18.9%, од 40-49 години, 1.272 случаи или 18.4, од 50-59 години, 1.210 случаи или 17.5 и кај групата од 20 до 29 години, 864 случаи или 12.5 отсто.
Најмал број на регистрирани случаи на коронавирусот е регистриран кај децата до девет години, 144 случаи или 2.1% и кај возрасната група од 10 до 19 години, 334 случаи или 4.8 отсто. Најголемо процентуално зголемување во однос на претходната недела е забележано кај возрасните групи од 10-19, 33.1%, кај групата од 50-59 години, 32.1% и кај групата од 40 до 49 години, 30.2 отсто.
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 3.343 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 22.1% во споредба со минатата недела, известија од ИЈЗ.
Заклучно со 22 март, вкупно се вакцинирани 6.704 здравствени работници со прва доза (4.002 – Pfizer/Biontech и 2.702 – Sputnik V) и 2.572 (Pfizer/Biontech) со втора доза на вакцина против Ковид-19.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 15 до 21 март 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.