Медиумите овозможија широка застапеност на антиродовите наративи во медиумскиот простор, со што придонесоа за пласирање и ширење родови дезинформации при известувањето за настаните во врска со Предлог-законот за родова еднаквост и измените на Законот за матична евиденција, покажува анализата „Родовата еднаквост во време на родови дезинформации“.
Анализата е изработена од Институтот за комуникациски студии (ИКС) за периодот од мај до јули годинава, а како што посочија оттаму, ги опфати новинарските извештаи за настаните поврзани со Парадата на гордоста и протестот одржан од Македонската православна црква (МПЦ) и други конзервативни и религиозни организации, кои се одржаа во јули.
Институтот анализирал повеќе од 1.000 онлајн извештаи и 7.000 коментари на новинарските објави на Фејсбук. Според наодите, најголем дел од извештаите најчесто се сведувале на пренесување на „сервирани информации“ преку пораките и активностите на религиозни и конзервативни организации и поединци, а кои содржат дезинформации.
„Во новинарските извештаи не се навлегува подлабоко во содржината на пренесените изјави, не се дава нивен критички осврт и не се прави проверка на тврдењата што се пренесуваат. Дополнително, воопшто не се преиспитува релевантноста на експертизата на одредени говорници за прашањата што ги обработуваат. Со тоа, медиумите не ѝ овозможуваат на публиката да прави разлика меѓу фактите и дезинформациите и директно придонесуваат за наративите што се засноваат на регресивни патријархални сфаќања и родови стереотипи, што пак ја зајакнува родова нееднаквост во општеството, се наведува во анализата. Во анализата пишува дека медиумите, со отстапување простор за ширење родови дезинформации, придонесуваат за дехуманизација и демонизација, како и за директни вербални напади и закани кон поддржувачите на родовата еднаквост и ЛГБТИ+-заедницата, од кои најголем дел се жени. Во коментарите на новинарските извештаи на Фејсбук се користат наративи што повикуваат на насилство и ги сексуализираат жените, а кои медиумите не ги прикриваат или бришaт и овозможуваат мобилизирање на јавноста за поддршка и дополнително креирање вакви содржини. Тоа може да има сериозни негативни последици врз женското присуство во јавната сфера, што е и една од целите на антиродовите движења“, посочуваат од ИКС.
Известувањето најчесто има информативен карактер, без длабинско анализирање на случаите, велат од Институтот. Тие истакнуваат дека новинарските извештаи главно се генерички, фактографски и значително наликуваат или се идентични еден на друг.
Изворите што ги користат пак, како што наведуваат, се ограничени на соопштенијата на институциите, а дополнителни извори и статистика се користат многу ретко, а додаваат и дека во голем дел од извештаите не се назначува изворот на информации и фотографии, не се почитува приватноста на личноста и постои сензационализам при информирање во случаи на несреќи и семејни трагедии.
„Оттука, медиумите треба да го поттикнуваат известувањето засновано на докази и да се придржуваат до насоките за етичко известување. Тие треба да прават внатрешна проверка и вклучување дополнителни информации за тврдењата што ги пренесуваат, внимателно да ги формулираат насловите, да посочуваат на дезинформациите, да обезбедат сигурни извори на информации до публиката, како и да ги регулираат содржините на коментарите на нивните објави. Исто така, медиумите треба да креираат содржини со кои ќе ѝ помогнат на публиката самата да ги препознава дезинформациите и нивната штетност и да се насочат кон создавање содржини против говорот на омраза и дискриминацијата врз основа на полот, родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет“, децидни се од Институтот за комуникациски студии.