Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.
Студент сум на многу захтевен факултет, а последните неколку недели глава не можев да кренам од учењето, проследено со многу анксиозност и растревоженост околу резултатите кои треба да ги постигнам на колоквиумите. Се чувствувам како да не можам да се фокусирам на ништо, секогаш морам да имам нешто во рака да моткам, да си играм, никако не ме фаќа место. Константно барам одмор од обврските, но кога ќе помине еден час без да работам нешто ме фаќа ужасна фрустрација и чувство дека не сум продуктивен. Или се чувствувам преморено или засрамено дека не сум доволно вреден, а последниве неколку денови сум на последните капки гориво и не знам како да продолжам кога ќе се потрошат. Наскоро ќе завршат колоквиумите, но и тогаш ќе морам да учам за да останам во тек. Сакам да знам како да си ги наполнам батериите повторно, како да се справам со себе си и со својата анксиозност, како да си дадам одмор без да ми е грижа дека не работам во тоа време. Сакам да знам дали можеби имам некоја форма на ADHD со оглед на тоа колку сум растресен во сите можни насоки. Сакам да знам како да најдам рамнотежа помеѓу работните обврски и личниот живот кога мојот избран факултет е толку немилосрден.
Одговара: Тиана Ивановска, лиценциран психолог и психотерапевт
Најпрво сакам да ти се заблагодарам за твојата храброст и отвореност да зборуваш за тема која е навистина сензитивна. Патување од 1000 милји започнува со еден чекор, како што вели Лао Цу ,а ти тукушто го направи твојот прв чекор.
Од она што ни го испрати можам да забележам дека живееш со огромен притисок кој предизвикува голем емоционален стрес и товар. Не е лесно како што велиш ти, да се биде дел од немилосрден факултет, но уште потешко е кога си опкружен со толку високи очекувања за твоите постигнувања.
За жал, живееме во едно општество во кое академските постигнувања се вреднуваат многу повеќе од квалитетот на патувањето наречено студирање. Сепак, тоа не значи дека истото тоа патување треба нужно да биде одвратно, одбивно и проследено со многу психофизички жртви. Целта на било која образовна институција не е да ти створи омраза кон науката која си ја одбрал туку напротив, да ти помогне да навлезеш повеќе во неа и да ги запознаеш нејзините детали.
Сето ова може ти звучи како некој мотивациски говор но она што сакам да ти го донесам е дека постигнувањата се неважни доколку на крајот на денот стоиш пред институција со диплома во рака ,а притоа чувствуваш одбивност кон се она што си го научил во текот на тоа патување. Љубовта кон науката и професијата која си ја одбрал е она што неминовно ќе те направи добар доктор, инженер, психолог, научник или било која професија која си ја одбрал.
Една од насоките во кои можеш да тргнеш е градење на твојот личен систем за саморегулација кој може да е навистина нарушен доколку растеш во семејство во кое сите членови се дел од истата струка. Прашањата кои се наоѓаат на првата линија на градењето на твојата заштита се следниве:
– Колку учење ми е доволно за да не чувствувам одбивност кон она што го учам?
– Која оценка лично за мене е доволна, а не за луѓето околу мене?
– Колкава е мојата приватност во поглед на часовите што ги минувам во учење и распоредот на моите полагања? Дали за нив знае цело мое семејство и колку простор имам сам да си го организирам времето без притоа да подлежам на забелешки?
– Колкав е притисокот за моето завршување со студиите? Дали задоцнувањето со студиите во реалноста навистина ќе го спречи мојот кариерен успех или се тоа можеби нечии туѓи очекувања?
Сети се која беше причината поради која ја одбра токму таа професија. Што е она што те прави среќен кога ќе се спомне зборчето _______ (името на таа професија)? На крајот на денот се додека навистина го сакаш она што го учиш и работиш, ти го правиш светот подобро место за живеење. Најди го твоето доволно и не заборавај дека твојата добросостојба е секогаш на прво место.
Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.