Илјадници демонстранти се собраа низ САД против Трамп

Илјадници демонстранти се собраа вчера, 19 април, во Вашингтон и други градови низ САД за да изразат противење на политиката на претседателот Доналд Трамп за депортации, отпуштања од владата и војните во Газа и Украина, пренесува Ал Џазира Балканс.

Пред Белата куќа, демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Работниците треба да имаат моќ“, „Не биди крал“ и „Престани да го вооружуваш Израел“, се гледа на медиумските снимки.

Некои демонстранти скандираа за поддршка на мигрантите што администрацијата на Трамп веќе ги депортирала или се обидува да ги депортира, истовремено изразувајќи солидарност со луѓето што федералната влада ги отпуштила, како и со универзитетите со чие финансирање Трамп се заканува.

„Додека Трамп и неговата администрација ја мобилизираат употребата на американската машина за депортација, ние ќе организираме мрежи и системи на отпор за да ги одбраниме нашите соседи“, рече демонстрант на протест на плоштадот Лафајет во близина на Белата куќа.

Други демонстранти вееја палестински знамиња носејќи традиционални кефии, извикувајќи „слободна Палестина“ и изразувајќи солидарност со Палестинците убиени во војната во Газа.

Некои носеа симболи со кои се изразува поддршка за Украина и се повикува Вашингтон да заземе поодлучен став против војната на рускиот претседател Владимир Путин во Украина.

Од неговата инаугурација во јануари, Трамп и неговиот сојузник милијардерот Илон Маск ја распаднаа федералната влада, отпуштајќи над 200.000 работници и обидувајќи се да уништат различни агенции.

Демонстрации беа одржани и во Њујорк и Чикаго, меѓу десетиците други места.