Околу 1.600 луѓе биле тајно снимани во хотелски соби во Јужна Кореја, а снимките биле емитувани во живо на интернет каде лица плаќале за да ги гледаат, соопштиле од полицијата, пренесува Си-Ен-Ен.
Двајца мажи се уапсени, а уште еден пар се под истрага поради поврзаност во скандалот кој вклучувал 42 соби во 30 хотели во десет градови низ земјата. Од полицијата посочиле дека засега немаат податоци дали хотелите биле соучесници во овој случај.
Камерите биле скриени во дигиталните ТВ ресивери, во штекерите и во држачите за фенови а снимките биле емитувани во живо на интернет, соопштиле од одделот за сајбер-истраги при Националната агенција за полиција.
Интернет-страницата имала повеќе од 4.000 членови, 97 од нив плаќале месечна претплата од 44,95 долари за пристап до дополнителни услуги, како можност да гледаат снимки од одредени видео-преноси. Помеѓу ноември 2018 и март 2019 година преку оваа услуга организаторите заработиле преку 6.000 долари.
„Во минатото имаше сличен случај на нелегални камери инсталирани во хотели преку кои постојано и тајно се набљудувале гостите, но ова е прв случај во кој полицијата пронашла дека видеата биле емитувани во живо на интернет“, соопштиле од полицијата.
Јужна Кореја има сериозни проблеми со нелегално снимање и шпионски камери. Во 2017 година до полицијата биле пријавени повеќе од 6.400 случаи на нелегално снимање, во споредба со 2012 година, кога имало околу 2.400 случаи.
Минатата година десетици илјади жени излегоа на протести во Сеул и другите градови, под слоганот „Мојот живот не е твое порно“, на кои побараа итно преземање мерки против ваквите практики во земјата.