Илјадници граѓани ја „осветлија“ медиумската слика на Србија вчеравечер пред РТС

Под слоганот „Безбедноста е во бројките“ илјадници луѓе се собраа синоќа во Белград пред Радио-телевизија Србија (РТС) со почеток во 19 часот да ги поддржат активистите кои беа приведени по големиот еколошки протест кој се случи во Белград на 10 август против ископувањето на литиум. Петмина активисти од движењето за борба против загадувањето на животната средина „Еко стража“, како и активисти од многу други организации беа приведени поради т.н. „насилно рушење на уставиот поредок“, а некои и поради сите претходни акти на активизам, известува Н1.

На вчерашниот протест кој го организираше „Еко стража“ активисти од различни здруженија и градови споделија низ што поминале – од апсење трудница, отпуштање на родилка додека сè уште лежи во болница по раѓање на тројка, смртни закани кон нив, кон членовите на семејството, физички напади, директни навреди, сатанизација во таблоидите и, како што рекоа, упорно нереагирање на полицијата.

„Има само една вистина – дека нè нарекуваат шпиони на ЦИА и упаѓаат во куќи, земаат телефони за да нè компромитираат и уценуваат. Оваа телевизија позади нас не пренесе ништо, и да ви кажам – срам да ви е. Ние ја плаќаме претплатата на РТС, вие сте наша услуга, а не услуга на организираната криминална група СНС (Српска напредна странка, моменталната владејачка партија). Ајде да ги кажеме работите со вистинското име. Се знае кој ни црта куршум на челата“, рече Бојан Симишиќ, основачот на „Еко стража“ на протестот истакнувајќи дека бараат само јавниот сервис да ја пренесува вистината.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kreni- Promeni (@kreni.promeni)

„Луѓе, јас се плашам. Се плашам детето да не ми се разболи. Ја нема таа полиција и тоа судство кои ќе ме спречат да го заштитам животот на своето дете. Можат да ме уапсат, па што е тоа? Можат да ме убијат. Јас животот на своето дете не го давам и нема да се преселам од овде“, додаде тој.

Симишиќ се осврна и на раководството на РТС.

„Човекот што ја води оваа телевизија се вика Драган Бујошевиќ. Ако не сака да ни даде 30 минути, ќе поднесеме кривична пријава против него, а потоа ќе ве собереме сите и ќе го тужиме лично“, нагласи еколошкиот активист.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Eko Straža (@ekostraza)

Зорана Црнојевиќ, активистката која беше приведена од полицијата во петтиот месец од бременоста, потенцираше дека власта со таквите потези ги обедини активистите кои не мислат исто и ги изнесе на улица луѓето за тема која нема лидер.

„Не се поединци причината за собирањето маса луѓе на улиците, па нема ниту притисокот од поединци да ги спречат да излезат на улиците. За деценија активизам доживеав да го изгубам работното место, да ми се насоберат хулигани пред прозор, закани и навреди во живо, пријавувања во полиција и нереагирање од полиција. Пријава на полицијата за внатрешна контрола, повици на разговор во БИА уште минатата година. Сепак, ова што се случува сега е ново ниво на нескриена злоупотреба на државните ресурси за прогон на неистомислениците. Под маската на објавите на социјалните мрежи, тие вршат лични пресметни и им влегуваат на луѓето од списоците во домовите, ги вознемируваат и им го одземаат личниот имот. Веќе го немаме луксузот да имаме суета. Ги обединивте активистите кои не мислат исто и фала ви на тоа. И, уште нешто, нема да копате“, изјави таа.

Инаку, активистката ги посочи списоците, односно регистарот за активисти, наречени „еколошки терористи“ кој е јавно достапен на страницата „Ќе копаме“. На протестот јавно обраќање имаа неколку активисти кои се наоѓаат на оваа листа.

Некаде по 20 часот, зградата на РТС ги исклучи светлата, па Бојан Симишиќ ги повика активистите да ги вклучат светилките на телефоните.

„Вие сте светлината. Преку вашите мрежи, семејствата и пријателите, ќе ја пренесеме пораката до светот. Ние можеме без РТС, но сакаме да допреме до оние граѓани на кои им е испран мозокот и ги убедиле дека ние сме непријателите“, истакна тој.