Илјадници луѓе во Србија вчера протестираа во Белград против плановите за ископување на едно од најголемите европски наоѓалишта на литиум – клучна суровина за батериите на електричните автомобили.
Активистите велат дека рудникот ќе предизвика неповратно уништување на природата во долината Јадар во западниот дел од земјата, каде што е лоцирано наоѓалиштето.
По големите граѓански протести во 2022 година, рударскиот гигант Рио Тинто ја изгуби својата лиценца за отворање рудник, но проектот се реактивира минатиот месец следејќи судска одлука и менувањето на одлуката на Владата на Србија.
Претседателот Александар Вучиќ постојано инсистира дека ќе се воспостават строги еколошки протоколи за заштита и безбедност на природата околу долината Јадар.
Демонстрантите во главниот град на вчерашниот протест под слоганот „Рудник нема да има“ скандираа „Рио Тинто оди си од Србија“ истакнувајќи транспаренти на кои пишуваше „Не се откажуваме од Србија“. Протестот се одржуваше на плоштадот Теразија, а потоа демонстрантите маршираа низ градот.
Во подоцнежните вечерни часови тие се упатија кон двете железнички станици блокирајќи ги пругите. Некои од еко-активистите и граѓаните таму ја поминаа цела ноќ, до 5:30 утрово кога беа принудени да си заминат од страна на полицијата.
Министерството за внатрешни работи на Србија процени дека на протестот биле меѓу 24.000 и 27.000 луѓе.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека организаторите на протестот биле „предупредени“ од полицијата и дека нивните дела „не биле во согласност со законот“. Тој вети дека ќе бидат поднесени пријави против сите прекршители на законот.
Активистите бараат законодавците трајно да го забранат ископувањето на литиум и бор во Србија, предупредувајќи од можна опасност по јавното здравје и загадување на почвата и водата. Тие ѝ дадоа рок на Владата тоа да го спроведе до сабота.
Серија еколошки протести против ископување литиум во долината Јадар се одржаа и претходнава недела во неколку српски градови. Голем протест се одржа во Нови Сад, а потоа собири следува во Ниш, Горни Милановац, Суботица, Крушевац, Смедеревска Паланка и Зајечар по што беше најавен големиот протест во Белград.
Вучиќ на 8 август изјави дека „основна цел“ на протестот во Белград е соборување на владата. Тој на Фејсбук напиша дека „власта во Србија нема да се сруши на улица“, туку дека ќе се избира на избори, додавајќи дека малкумина знаат како би изгледал рудникот и дека ископувањето нема да започне уште најмалку две години. Вчера тој изјави дека „има информации од руските тајни служби дека под маската на протестот се најавува државен удар на улица и соборување на власта“. За денес е најавено дека ќе се обрати пред нацијата.
Минатиот месец Србија ѝ ја врати лиценцата на англо-австралиската компанија Рио Тинто за ископување литиум во долината Јадар.
Српската влада изјави дека претходната одлука за запирање на проектот во 2022 година „не е во согласност со уставот и законот“.
Европската унија тоа го поздрави како „историски ден за Србија и за Европа“.
Ко-водачот на зеленото движење, Билјана Ѓорѓевиќ зборувајќи за обновувањето на проектот рече дека „активистите стравуваат дека Србија ќе биде жртвувана за производство на литиум за електрични возила кои речиси никој во Србија не може да си ги дозволи“.
На производителите на автомобили ќе требаат уште повеќе литиумски батерии како што се забрзува транзицијата кон возила со нулта емисија на штетни гасови – и со проектот на Рио Тинто вреден 2.4 милиијарди долари може да се обезбедат дури девет десетини од моменталните потреби за литиум на Европа што истовремено ќе ја претвори компанијата во една од водечките светски производители на литиум.