Новинарите од печатените и онлајн медиумите нема да имаат пристап до денешната пленарна седница на грузискиот парламент , поради се поголемите протести против плановите на владејачката партија да воведе закон за кој домашните критичари и западните земји рекоа дека ќе се користи за потиснување на независните гласови, пренесува Радио Слободна Европа.
Седницата се одржува откако, како што се проценува, околу 20.000 луѓе повторно излегоа на улиците на Тбилиси вчера за да го изразат своето противење на таканаречениот закон за „странски агенти“, за кој многумина веруваат дека го отсликува оној што го користеше Кремљ за да ги замолчи своите критичари, а за кој грузиски пратеници треба да расправаат во второ читање во вторник.
Протестот во неделата беше продолжение на двонеделните протести кои ги предводеа опозициските партии и активистичките групи против законот, кој беше усвоен на прво читање претходно овој месец.
Илјадници луѓе се собраа на плоштадот на Републиката во центарот на Тбилиси вчеравечер, многумина пеејќи ги химните на Грузија и на Европската Унија и држејќи транспаренти на ЕУ.
Протестот продолжи во раните утрински часови во понеделникот, а имаше известување и дека некои демонстранти ги пробиле безбедносните линии во близина на зградата на парламентот, поради што полицијата употребила солзавец и бибер спреј без предупредување за растерување на толпата.
Последните неколку десетици демонстранти останаа во близина на парламентот до 3 часот по локално време пред да се разотидат.
Прес-центарот на Собранието денеска соопшти дека влез во зградата е забранет само за посетители, освен за оние „поканети од надлежните структури“.
Од прес-центарот соопштија дека во зградата ќе смеат да влезат само новинари од акредитирани телевизии, а од „безбедносни“ причини новинарите од онлајн и печатените медиуми не смеат да работат во Собранието.
Официјални претставници на ЕУ рекоа дека ако Грузија го усвои нацрт-законот, тоа ќе ги попречи надежите за членство на нацијата во ЕУ.
Владејачката партија Грузиски сон го воведе законот во 2023 година, но беше принудена да го повлече по масовните протести. Пратеничката група на оваа партија го врати законот со мали измени на текстот и тој го помина првото читање на 17 април. Расправата за конечното читање на предлог-законот треба да се одржи на 17 мај.