Илјадници демонстранти се собраа вчера во северозападно германско село кое може да исчезне поради проширувањето на рудникот за јаглен, додека земјата се обидува да ја намали зависноста од рускиот гас, пренесува „Франс 24“.
Организаторите рекоа дека околу 3.500 луѓе демонстрираа во Луцерат во рударскиот басен на Рајна, на само неколку стотици метри од огромниот рудник со отворен коп за лигнит Гарцвејлер, кој е еден од најголемите во светот.
Околу стотина активисти решија да протестираат директно на работ на рудникот, што може да биде „исклучително опасно“, објави регионалната полиција на Твитер.
Селото, како и некои други, одамна е осудено да исчезне за да може рудникот дополнително да се прошири.
Германија планира да се откаже од јагленот до 2030 година, како дел од борбата за почисти извори на енергија. Меѓутоа, откако Русија ја нападна Украина, дебатата за енергијата беше оживеана во земјата, која е во голема мера зависна од руските јаглеводороди, особено за гасот, кој сочинува околу 55 отсто од нејзиниот увоз на енергија.
За да обезбеди доволно производство на електрична енергија, а истовремено да ја намали зависноста од рускиот увоз, германската влада си даде можност минатиот месец да го „суспендира“ затворањето на одредени електрани на јаглен, притоа останувајќи на целта за постепено укинување на јагленот до 2030 година.
„Како можеме да веруваме во способноста на владата да придонесе за мирот во Украина ако уништува домови и села во сопствената земја поради фосилни горива?“, запраша Иљес Ел-Кортби, активист од движењето „Петоци за иднината“.
Луцерат стана новото собирно место на германското еколошко движење. Активистите изградија колиби и се подготвуваат за конфронтација со полицијата.
Шведската климатска активистка Грета Тунберг ја посети областа минатиот септември.