Десетици илјади луѓе низ повеќе градови во Австралија протестираа против сексуалната злоупотреба и малтретирање на жени во земјата.
Незадоволството порасна по последниот бран обвиненија за сексуални напади поврзани со австралискиот парламент и конзервативната влада.
Протестите кои започнаа пред една недела беа поттикнати од информациите дека јавниот обвинител, Кристијан Портер, бил осомничен за силување во 1988 година, што тој го негира.
Во друг случај, пак, поранешната политичка советничка Британи Хигинс тврдела дека била силувана во канцеларија на министер во 2019 година што исто така предизвика јавен револт и поттикна многу други жени да ги раскажат своите лични приказни на сексуални напади, вознемирување и малтретирање.
Демонстрантите сметаат дека владиниот одговор на овие наводи за сексуални напади биле несоодветни.
„Постои ужасно општествено прифаќање на сексуалното насилство кое го доживуваат жените во Австралија. Мојата приказна беше на насловните страници од единствена причина што требаше болно потсетување на сите жени дека ако може да се случи во зградите на власта, може да се случи секаде, рече Хигинс зборувајќи пред илјадниците граѓани пред зградата на Парламентот.
Протестните маршеви беа организирани под мотото „Марш за Правда“ и се одржуваа денеска низ повеќе од 40 градови во Австралија.
Организаторите ги карактеризираа протестите како „најголемо будење на жените во историјата на Австралија“.
Голем дел од присутните носеа транспаренти и беа симболично облечени во црна боја, како знак на протест. Во Мелбурн граѓаните носеле долг транспарент на кој биле испишани имињата на жени убиени во случаи на родово насилство изминатава деценија.
Организаторите на протестот во Канбера до властите доставија и петиција со 90.000 потписи со која се бара поголема одговорност за сексистичкото однесување во парламентот.