Илјадници заедници на Реддит во следните 48 часа ќе бидат недостапни во масовен протест поради начинот на кој се води платформата.
Се очекува милиони корисници да останат без своите омилени подфоруми (subreddits), откако некои од најголемите заедници, како r/books, r/gaming или r/pics, најавија дека се приклучуваат на протестот.
Револтот на заедниците доаѓа како одговор на најавите од Реддит дека ќе започнат да го наплаќаат пристапот до нивниот програмскиот интерфејс (АПИ) од надворешните апликации, што досега беше бесплатно. АПИ-то на Реддит најчесто се користи од надворешни апликации преку кој се пристапува на платформата.
Реддит започна да функционира уште во 2005 година, но немаше своја апликација до 2016 година. Поради тоа, со години корисниците пристапуваа до платформата преку надворешни апликации и никогаш не почнаа да ја користат официјалната. Некои од најпопуларните опции се „Apollo“, „Narwhal“, „Relay“, и „Infinity“.
Реддит досега официјално не соопштил колку ќе чини пристапот до нивното АПИ, но креаторот на популарната надворешна апликација „Apollo“ тврди дека ќе треба да плати повеќе од 20 милиони годишно за досегашното ниво на користење на АПИ на Реддит.
Од Реддит за Би-Си-Си одлуката за наплаќање на нивното АПИ ја правдаат со мултимилионските трошоци за хостинг кои ги плаќаат.
Иако дел од заедниците најавија дека ќе се вратат во функција по првичните 48 часа протест, дел од подфорумите, како на пример r/Music, кој има преку 30 милиони корисници, најавија дека нема да функционираат додека не се укинат предложените промени.