Десетици илјади граѓани демонстрираа вчера во повеќе бразилски градови против претседателот Жаир Болсонаро и неговото менаџирање на пандемијата со Ковид-19.
Бразил е втората најпогодена држава од вирусот во светот, со повеќе од 461 илјади починати лица од почетокот на пандемијата. Во април земјата го забележа најлошиот месец досега со околу 100.000 загубени животи од коронавирусот.
Околу 10 илјади луѓе со маски маршираа во Рио де Жанеиро по повикот на левичарските организации и студентските движења, пренесе Еуроњуз.
„Никој не сака да биде на улиците среде пандемија. Но, Болсонаро не ни дава друг избор. Ние сме на улиците за да спасиме животи. Нема да чекаме до претседателските избори во 2022. Ова е само почеток“, изјавил Гиљерме Булос, лидерот на Движењето на бездомни работници.
Од почетокот на пандемијата, кога Болсонаро новиот коронавирус го споредуваше со обичен грип, претседателот на Бразил беше критикуван за мерките за справување со пандемијата, промовирање на непотврдени терапии, како и неговите сомнежи за ефикасноста на вакцините.
Демонстрантите тврдат дека многу смртни случаи можеле да бидат избегнати доколку владата започнала со кампања за вакцинација порано.
Граѓаните, меѓу другото, го обвинуваат Болсонаро и за поттикнување на шумската сеча во Амазон, насилство и расизам.
Овие протести доаѓаат две недели откако беа организирани масовни собири за поддршка на власта на кои повика самиот Болсонаро.
Поддршката на Болсонаро е падната на 24%, што е најниско ниво досега.