Илјадници Руси побегнаа во Монголија преку нејзината северна граница во обид да ја избегнат мобилизацијата во Украина, вршејќи дополнителен притисок врз владата во Улан Батор и нејзините напори да се дистанцира од конфликтот, јавува Ројтерс.
Русите кои сакаат да ја напуштат земјата беа принудени да чекаат со часови на граничниот премин Кјахта во етничката монголска провинција Бурјатија, но рекоа дека немаат многу избор откако претседателот Владимир Путин најави „делумна мобилизација“ на 300.000 војници со цел да се одбие контраофанзивата на Украина.
„Мојата земја започна делумна мобилизација и мислам дека тоа влијае негативно на општеството. Чекавме многу долго на руската страна од границата, околу 16 часа“, рече еден од Русите кои ја напуштија земјата.
Четириесет годишниот Алексеј кој е градежен работник планира да остане во Монголија додека не се подобри ситуацијата во Русија и рече дека ќе стори сé што е потребно за да ја избегне војната.
„Не се плашиме, но зошто треба да се бориме во Украина? Доколку другите земји би ја нападнале Русија, ние би се бореле за нашата земја. Но, зошто одиме во Украина? За што?“, запраша тој.
Иако во Монголија се одржаа протести против инвазијата на Русија, самата влада остана цврсто неутрална.