Уште една немирна ноќ, десетина повредени и 27 приведени е билансот од синоќешните, втори по ред, протести во скопската општина Ѓорче Петров, организирани по убиството на 19-годишниот Ангел Петковски. Со 18-те приведени по завчерашните протести, бројот на лица против кои полицијата ќе поднесе пријави за учество во инцидентите достигна до 45, пишува Дојче веле.
Вчерашните апели за смирување на тензиите не дадоа резултат. Мобилизација за нови протести, спроведена преку социјалните мрежи, регрутираше групи млади од Скопје, кои околу 18 часот почнаа да се собираат на местото каде што завчера беше убиен матурантот. Дел од нив со фантомки на главите, дел без нив, а значителен дел и со симболи на разни навивачки групи.
Полициски кордони зајакнати со оклопни возила и „резерва“, подготвено го дочекаа овој втор собир, за кој полицијата и претходно соопшти дека има сознанија оти се подготвува за попладневните часови. Учесниците во протестот брзо се најдоа во тампон меѓу полициски кордони, што ги спречи во намерата да стигнат до мостот кон населбата Сарај. Се обидоа, но пред мостот ги пречека полиција.
Толпата навидум беше разбиена, а тие беа принудени да се вратат назад. По 20 часот започнаа немири во близина на трговскиот центар „Планет“, кои се дисперзираа на повеќе места по должината на улицата, па и во споредни улички. Полицијата употреби флеш бомби, според очевидци – и пендреци, а возила на Итна помош дури околу 22 часот успеаја да се пробијат и да интервенираат за помош на околу десетина лица кои се здобиле со полесни повреди во нередите.
Тензична ноќ
Според полицијата, протестите поминале без посериозни инциденти и поголеми нарушувања на јавниот ред и мир.
„Досега нема пријавено повредени лица згрижени во ниту една болница, ниту пак имаме добиено некакви пријави за настаната поголема материјална штета“, изјави синоќа (20.05) портпаролот Иво Котевски. Тој информира дека за време на протестите во неколку наврати биле фрлани камења и метални предмети кон полицијата и оти досега имаат сознанија за неколку повредени полицајци и за неколку оштетени полициски возила.
„Апелираме и медиумите да работат строго професионално и да не објавуваат непроверени и неточни информации кои можат да нанесат непроценлива штета со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме“, порача Котевски.
Жителите на општина поминаа втора непроспиена ноќ исполнета со неизвесност и стравување од ескалација на инцидентите.
„Не можам веќе да го слушам ова. Знаете ли колку страшно одекнуваат тие, како што ги нарекуваат шок-бомби? Ечи целава населба. Сите сме под стрес. Вакви колони полицајци, страшни возила, се изнагледавме по оваа улица во 2001 година. Сакам друго да гледам по улиците – живот, деца, радост, полни торби од пазар, а не униформи и бомби што чадат“, вели Ангелина П., 76-годишна жителка чиј дом е на главната улица.
Политиколозите со загриженост ги коментираат настаните кои го окупираат вниманието на целата македонска јавност, анализира Дојче веле.
„Велосипед не смее да биде причина за нечие убиство. Но, такви случаи зборувааат за социо-патолошките димензии во кои се одвива животот на младите во општеството. Сиромаштијата, невработеноста, бесперспективноста и незадоволството од се‘ што гледаат околу нив, им создава голема конфузија и гнев. Во такви ситуации доволен е и најбанален повод за да најдат ‘причина’ тој гнев да го насочат во одредена насока, за жал често и во тешки криминални дејства, кои завршуваат со трагедии. Истакнувањето на етничката припадност на осомничениот за убиството е чин на стекнато, ‘научено’ истакнување на пукнатините во општеството. Таму каде што тие пукнатини се најдлабоки, таму го насочуваат нивното незадоволство. Тоа е голем пораз за општеството, бидејќи не успеало досега да ги најде ‘алките’ што ќе ги зближуваат младите од различните етнички заедници. Наместо тоа, во јавниот ‘излог’ гледаат и учат само за причини за оддалечување“, вели политикологот Горан Јовановски.
Омразата посилна
Загрижувачки се дел од содржините на социјалните мрежи поврзани со убиството на матурантот и протестите што следеа потоа. Евидентниот говор на омраза, поделбата на ‘наши и ваши’, на ‘ние и тие’ и погрдните етнички квалификации, не најавуваат смирување на страстите. Дури и без протести на улиците, останува впечатокот дека личните и колективните ‘протести’ тлеат.
Професорот по филозофија Ферид Мухиќ загрижено констатира дека трагичниот инцидент во кој едно момче смртно рани друго момче, покажа дека таму каде што има ‘наши и ваши’, омразата кон сторителот е посилна од жалта за жртвата.
Прочитајте ја целата анализа на Дојче веле на следниот линк.