Илон Маск, сопственикот на „Твитер“, објави дека ќе го намали неговото време во „Твитер“ како и дека е во потрага по негова замена, односно лидер кој ќе раководи со друштвената мрежа, пренесува „Euronews“.
Маск го откупи „Твитер“ за 44 милијарди долари на 27 октомври.
Тој исто така побарал од вработените да работат на подолго работно време и со поголем интензитет или да ја напуштат компанијата.
Во мејл до вработените, новиот сопственик истакнал дека тие мора да се прилагодат на новите работни услови доколку сакаат да останат во компанијата.
Оние кои немало да ги прифатат условите ќе добијат отштета во висина од три плати и отказ.
Дополнително, Маск во мејлот напишал дека „Твитер“ треба да биде екстремно хардкор (тврдокорна) компанија за да успее.
„Ова значи подолго работно време и поголем интензитет на работа. Оние што ќе се покажат само како исклучително добри ќе добијат преодна оцена“, пишувало во мејот.
Истовремено, инвеститорите во компанијата „Тесла“ искажале големо загрижување за времето кое Маск го посветува на „Твитер“. Акциите на компанијата паднаа за 3 отсто.
Маск признал и дека дел од инженерите вработени во „Тесла“ работеле на евалувација на инженерските тимови во „Твитер“, но додал дека вработените во „Тесла“ тоа го правеле волонтерски и по нивното работно време.