Иноваторот Илон Маск го претстави прототипот на подземниот тунел во Лос Анџелес дизајниран за транспорт на автомобили со огромна брзина низ градот.
Засега тунелот е долг само една милја (1,6 километри), но целта на Маск е да се направи подземна мрежа која ќе го растерети секојдневниот густ сообраќај. Прилагодени електрични автомобили би биле спуштани во тунелот и би се движеле со брзини до 240 километри на час.
Проектот е дело на компанијата Боринг, во сопственост на Маск, која развива иновативни инженерски технологии.
Претприемачот кој е најпрепознатлив по компанијата за електрични возила Тесла, како и по вселенската Спејс Икс програма, бил поздравен од публиката кога се појавил од автомобил на крајот на тунелот осветлен од зелени и сини внатрешни светла.
Својот план го претстави на почетокот на годината, објаснувајќи дека неговата намера е да го избегне густиот сообраќај во градот. Тој напоменал дека неговата компанија го изградила овој дел од тунелот за вкупно 10 милиони долари, додавајќи дека традиционалната изградба на тунели би чинела околу 1 милијарда долари.